Денешната посета има особено значење за нашите две држави, затоа што таа не претставува само дипломатска средба меѓу две влади, туку претставува потврда на едно пријателство кое се градело со години, на односи засновани врз заемна почит, разбирање, соработка и искрена поддршка, рече премиер Христијан Мицкоски кој денес со неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ во Охрид потпишаа Договор за стратешка соработка помеѓу двете земји.

Овој договор е повеќе од дипломатски акт. Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна политичка определба за продлабочување на нашите односи во области кои се од суштинско значење за иднината на двете држави. Нашата стратешка соработка ќе биде заснована врз принципите на заемно почитување, целосно уважување на суверенитетот, меѓународното право и заедничките интереси на нашите граѓани. Ќе работиме на развој на конкретни иницијативи и проекти во транспортот, енергетиката, информатичките технологии, индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, сајбер безбедноста и управувањето со границите.

Една од најважните теми на нашите разговори беше европската интеграција. Хрватска е земја која успешно го помина патот од кандидат до полноправна членка на Европската Унија. Токму затоа, хрватското искуство има особена тежина и значење за нас. За нас европската интеграција не е само надворешно политичка цел. Тоа е процес на институционално созревање, владеење на правото, економски развој, модернизација и создавање подобри услови за живот за нашите граѓани. Затоа ја цениме поддршката што Хрватска континуирано ѝ ја дава на нашата европска перспектива, додаде Мицкоски.
Хрватскиот премиер Пленковиќ го поздрави потпишувањето на договорот кој рече е плод на меѓусебната доверба и на односите што ги имаат двете пријателски земји и двата народа.
Нашите економски деловни односи достигнуваат до ниво од околу 350 милиони евра годишна размена, што сметам дека е добра основа која треба дополнително да се зајакнува. Денес сме во Охрид со низа силно ориентирани хрватски компании кои се заинтересирани за присутност на македонскиот пазар, воспоставување пратнерства и давање на допринос во вкупните односи меѓу двете земји. Во последните години поминавме низ неколку големи кризи и настојувавме да обезбедиме сигурност во снабдувањето со енергија, како и прифатливи цени, што се темел на нашите економии. Верувам дека оваа соработка ќе овозможи дополнителен напредок и во тој сектор. Особено ми е драго што разговаравме и за соработката во транспортот. Двете земји се наоѓаат на важни трансевропски транспортни коридори, а тоа е особено важно за вас. Сметам дека ќе продолжиме со инвестициите, рече Пленковиќ.
Ја нагласи и соработка во областите на туризмот, одбраната, дигиталната трансформација, додавајќи дека Хрватска е силен и конзистентен поддржувач на Македонија на европскиот пат и дека во иднина ќе настојува да помогне.

OhridNews














