Македонија се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции. Мора да влеземе во Европската унија, но притоа да останеме сочувани и достоинствени, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од свечената академија што по повод Денот на сесловенските просветители се одржа во црквата Свети Софија во Охрид.

Нашите одлуки ја одредуваат нашата иднина. Ако се држиме цврсто и обединето, без оглед на тоа кој е на другата страна, ќе останеме цврсти, а споделената мака е помала мака. Токму тоа јадро било разнишувано и удирано во историската судбина на Македонија. Македонија се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции. И можам да ги разберам, иако не ги оправдувам, позициите на Бугарија. Но, не можам да ги разберам, ниту оправдам, домашните политичари кои делуваат како специјални пратеници на премиерот на соседната држава. Тоа што тој го зборува, тоа го зборуваат и домашните политичари и нивни претставници. Поразително. Тоа нè поразува и како нација. Имаме отсуство кај дел од луѓето на чувство за припадност кон својот народ и подготвеност со гордост да го носат она што јас го велам – мекото ткиво на македонскиот народ. И колку ние сме поголема брана на предизвиците, тие се поагресивни, рече Мицкоски.

Државата, потенцираше, мора да влезе во Европската Унија, тоа е неминовно, но мора, вели, да останеме сочувани и достоинствени.

Мора да се бориме за она во што веруваме и концептот на обединување мора да се постигне на здрава основа. Направив сè за да подадам рака кон опозицијата, да се обединиме. Тие секоја шанса ја испуштија и нема постојано да чекаме тие да се одоброволат за да делуваме заедно за националните интереси. Затоа јас повикувам на народно и интелектуално обединување на државата. Тоа што некои се претседатели на политички партии во опозицијата и ја имаат таа улога, не значи и дека се лидери на оној дел од народот кој сеуште го дава својот глас и поддршка на тие луѓе. Одбивајќи да се обединиме за националните прашања, тие се осудени на пропаст. Стануваат маргинални служители на туѓите интереси. Затоа вистинското обединување е народното. Затоа повикувам да се обединиме сите кругови во општеството и да си подадеме рака. Ова е последната шанса за Македонија. Мораме да ја искористиме, додаде Мицкоски.

OhridNews