Како држава имаме убедливо најниска цена на нафтата и тоа во моментот можеби е добро од еден аспект, но од друг аспект во дел од пограничните општини, и посебно бензинските пумпи во пограничните општини, се создава притисок од соседството, бидејќи голем број од граѓаните од соседството доаѓаат да точат дизел гориво посебно. И затоа се случува да на некои бензински пумпи побргу од тоа што е очекувано да снема гориво. Но, тоа брзо се надоместува, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа какви мерки ќе бидат преземени во однос за стабилизација цените на нафтените деривати.

Државниот пазарен инспекторат е континуирано на терен. Нема прекини во снабдувањето, но ако се има предвид, еве да речеме, ако е кај нас после нивелирањето на цената вчера од страна на Регулаторна комисија за енергетика, дизел горивото литар 1,39 евроценти. Да речеме, во соседна Албанија е 1,79, евроценти литар, односно 30% поскапо е и логично е да имаме притисок во западниот дел од државата. Исто така, во Србија е да речеме 1,73 евроценти, што отприлика некаде околу 25% поскапо од тоа што е во Македонија. Во Косово варира цената но достигнува до 1,52–1,53 евроценти, што е некаде околу 15%. Во Грција 1,59 евроценти, односно Косово е од прилика околу 10%, а во Грција 15%. Во Бугарија 1,41. Така што во регионот имаме во моментот најниска цена за дизел горивото, а слична е цената и со бензинот 95 октани и 98 октани. Очекуваме притисок и периодов кој што следи и имаме доволно количини, разговараме со дистрибутерите и со компаниите кои што ги снабдуваат граѓаните и македонската економија со нафта и нафтени деривати во моментот нема опасности од каков било недостаток.

Како Влада, вели, продолжуваат да ја следат состојбата и тоа што можеби условно кажано е вели добра вест е што утринава брентот и останатите продукти на светските берзи се во опаѓање.

Ако вчера го достигнаа пикот од 120 долара за барел, денеска веќе се тргуваат за некаде 90-тина долари за барел. Ја следиме целата состојба многу внимателно и во зависност од развојот на настаните така и ќе реагираме, истакна Мицкоски.

Најави дека утре ќе има состаноци со претставници на ланците на супермаркети и хипермаркети, со цел да не се користи сегашната состојба и веднаш да се зголемат цените производите.

Во текот на утрешниот ден имам состанок и со ланците супермаркети, хипермаркети итн. Сакам со нив да поразговарам да не се користи сега овој притисок да веднаш да се зголемат цените и притисокот да се префрли врз потрошувачката кошница на граѓаните, за да не мораме ние како Влада да преземаме друг тип на офанзивни мерки. Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат ќе го следат однесувањето на трговците на производи на мало и на големо. Врз основа на нивното однесување така и Владата ќе се однесува. Така што очекуваме и тие да имаат фер однос кон граѓаните, за да и ние како Влада бидеме фер кон нив, односно заеднички во овие моменти да го заштитиме стандардот на граѓаните, бидејќи тоа претставува наша цел и приоритет во моментов, додаде Мицкоски.

OhridNews