Анализата за цените и маржите на околу 600 до 700 производи е во завршна фаза и наскоро во Министерството за економија и труд ќе се одржи состанок со трговци, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при увидот во градежните активности за реконструкција на СОУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид.

Очекуваме во најкраток период оние кои што ги имаат малку зголемено маржите спореден со истиот период од минатата година од 2 до 5 проценти, зборам на тие веќе постојните бруто профитни маржи од 10 отсто. Да речеме, ако маржата била 10 проценти, сега се 12 или 15. Тие ќе бидат предупредени, рече Мицкоски.

Посочи дека Владата ја охрабруваат најновите податоци за инфлацијата која во јуни изнесувала 3,4 проценти, што е најниска во регионот.

Во делот на храната и безалкохолните пијалаци инфлацијата е 2,5 проценти, а кај обувките и облеката 2,1 процент. Поголем драјвер би рекол се на тутунот и тутунските производи и алхохолот, како и транспортот поради војната во заливот и зголемените трошоци на транспортните компании и на туроператорите, додаде Мицкоски.

Оцени дека ваквите показатели претставуваат успех во услови на светска криза, споредувајќи ја сегашната во јуни со инфлацијата во јуни 2022 година, кога започна војната во Украина, од 14 до 15 проценти.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска