Браќата Миладинови, кои се сомничат  дека преку разни малверзации со хотелот „Изгрев“ ја оштетиле германска ЛХБ Банка за 5,2 милиони евра и  Тутунска за уште еден милион, под хипотека го ставиле и сопствениот дом.

Струшките бизнисмени во двете банки минативе шест години зеле кредити со хипотека над „Изгрев“, кои никогаш не ги вратиле. Парите наместо на сметката од хотелот, ги префрлиле на четири приватни сметки. По расветлувањето на аферата “ Изгрев“, доверителите сега си ги бараат парите назад.

Судскиот извршител на нивно барање неколку пати спроведе лицитација за продажба на недвижниот имот со кој тие располагале. На продажба се најде и нивниот семеен дом. Семејствата на Миладинови и нивната 70-годишната мајка остануваат во сопствениот дом, но до наредната лицитација.  На последната која се одржа пред 4 дена, немаше ниту еден заинтересиран кој е спремен да плати 250.000 евра,-колку што е првично проценета куќата на струшките бизнисмени.

Негодување но  и сомнеж кај доверителите дека ќе ги повратат милионските суми кои ги изгубија, верувајќи му на, како што велат, криминалците кои на нелегален начин се здобија со имотна корист од 6 милиони евра, перејќи пари преку хотелот  “Изгрев.“ Судскиот извршител, токму на нивно барање, 3-пат по ред безуспешно става на лицитација дел од нивниот имот.

Два пати беше спроведена лицитација за продажба на фирмата на Ѓорѓи- “Кимико“ и  на“ “Кимико гардине“, чиј сопственик е неговиот брат Димитар. Никој,велат добро упатените, не сака  да ги купи текстилните компании. Незаконските трансакции,ставањето хипотеки за добивање на кредити од банките, користењето на приватните фирми преку кои Миладинови  во изминативе 6 години правеле матни зделки, ги одвраќаат бизнисмените да ги купат фирмите.

Судските изврштели  објаснуваат дека согласно законот,недвижниот имот може да се става 3 пати на лицитација а потоа постапката за извршување се запира. Доверителите треба да поднесат ново барање извршување.Тоа значи  повторна проценка на имотот,кој секој нареден пат има пониска цена.

Сограѓаните на некогаш угледните Миладинови, ги сожалуваат нивните семејства кои живеат во грч,свесни дека со наредната лицитација можат да го изгубат покривот над главата.

Росица Голабоска