Хидробиолошкиот завод од Охрид започна со порибување на Охридското Езеро со подмладок на пастрмка. Директорот Гоце Костоски  информираше дека во езерото минатата недела било порибено со 350.000 млади единки, додека во текот на оваа недела ќе бидат пуштени уште 650.000 илјади.

– Овие риби се дел од подмладокот на пастрмка добиени со вештачки мрест и кои се одгледува во Хидробиолошкиот завод. Во овие две недели предвидено е езерото да биде порибено со вкупно 1 милион единки подмладок на пастрмка, со цел обновување на рибниот фонд во езерото, изјави за OhridNews Костоски.

Секоја година Охридското Езеро се порибува со 3-3,5 милиони млади пастрмки, неопходни за одржување на природниот минимум на овој загрозен ендемски вид риба. Но, и покрај напорите на Хидробиолошкиот завод и другите институции на македонска и албанска страна од езерото, рибниот фонд на пастрмка и натаму опаѓа, за што најголема вина има човекот, кој и покрај тоталната забрана за риболов што на сила е од 2004 година и натаму продолжува незаконски и неселективно да ја лови оваа риба, со што се намалува нејзиниот природен прираст.