Сите граѓани на Македонија се свесни за тоа кој го повлече зачленувањето на земјата во НАТО, но Македонија треба да продолжи да ги одржува реформите, нивото на постигнувањата и нивото на поддршка што е едно од највисоките во регионот, изјави денеска во Охрид, министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски.

Според последните истражувања околу 82% од граѓаните на Р. Македонија се за членство на земјата во северноатлантската алијанса и сметам дека тоа е најсилниот капитал што може да биде искористен во иднина за да ја постигнеме оваа заедничка национална цел, рече Милошоски.

Запрашан дали е можно Грција да го промени наскоро својот став за името, министерот за надворешни работи, посочи дека тоа во голема мера зависи од внатрешните случувања кај северниот сосед.

Кога има внатрешни домашни проблеми во Грција, како што тоа се случува во последниве неколку месеци ние немаме најпријатни искуства. Најчесто таквите недостатоци во грчкото општество ги мотивираат некои од политичарите да ги заострат дополнително надворешно политичките прашања за да можат да ги злоупотребат за дефокусирање на домашната јавност. Не би давал некоја поголема прогноза, но да видиме како ќе се одлучи доколку има нови избори во Грција. Но, во секој случај во овој момент не гледам поместување во позициите кои и се познати на јавноста. Македонија е присутна во дијалогот има свој прговарач, расположение да се соочат аргументите и секако цел да се постигне еден разумен компромис кој нема да штети на националните и државни интереси на Р. Македонија и ќе ги запази меѓународните принципи за правата на народите на јазично и национално определување, појасни Милошоски.


Во врска со забелешките на известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Ерик Мејер, кој побара Европската комисија да потврди дали општоприфатените термини „Македонци“ и „македонски“ и кодот на земјата „МК“, неодамна се заменети со назнака дека „ќе бидат дефинирани“, што води кон нов спор околу името на овој народ и неговиот јазик, Милошоски кажа дека не е запознаен со најновите негови прашања. „Нам  многу ни значеше што Европскиот парламент ја даде поддршката на Македонија за што поскоро отпочнување на преговорите за членство во ЕУ  и за визна либерализација и сметам дека тоа во голема мера е заслуга и на г-нот Мејер кој работеше на овој извештај“, додаде Милошоски.


Милошоски на средбата со охридските новинари изрази оптимизам дека визната либерализиација може да биде иницирана веќе оваа пролет.

Сметам дека во текот на мај Европската комисија би можела да излезе со извештај со кој би иницирала една таква процедура и официјално во ЕУ и во текот на чешкото претседателство, при карајот,  ќе мора да се донесе и политичка одлука на советите на европските министри за надворешни работи и влади, со тоа што Европскиот парламент очекуваме да ја даде својата полна поддршка  по формирањето во јуни. На добар пат сме и очекувам 2009 година да биде годината во која што ќе имаме добри вести за остварување на целта за воведување на безвизен режим за македонските граѓани, истакна Милошоски.

Ohridnews