МИМ и ЗНМ остро реагираат на последните предлог-измени во Законот за радиодифузна дејност, со кои се предлага менување на составот и бројот на членовите на Советот за радиодифузија.
 
„Двете организации сметаат дека секоја измена во регулативата која се однесува на медиумите треба секогаш да се разгледува и донесува внимателно, во транспарентни и отворени процеси, каде што преку стручни и јавни расправи ќе бидат земени предвид и согледувањата на медиумските работници, медиумските експерти и професионалните медиумски организации“, се наведува во писмената реакција на организациите.
 
Менувањето, како што велат тие, на значајни закони каков што е овој, во забрзана постапка која не ги вклучува медиумите, експертите и други засегнати страни, дополнително ја усложнува ситуацијата во која се наоѓаат медиумите во земјава, а решенијата во чие изготвување и донесување не се вклучува медиумската заедница од неа се перцепираат како решенија кои се наметнати.
 
Тие бараат  од предлагачите на измените на Законот итно одговор на што се должи брзањето во донесувањето на овие измени, кога се знае дека е во тек постапка за усогласување на Законот со новата АВМС Директива на ЕУ, зошто овој процес се одвива нетранспарентно, без каква било јавна консултација, зошто, со новите измени, други регулаторни тела  ќе можат да предлагаат членови на СРД и кои се вистинските причини за брзото донесување на овие измени.
 
Потсетуваат дека Македонија допрва треба да ја усогласи медиумската регулатива и со новата Директива на ЕУ за аудиовизуелни медиумски сервиси (АВМС Директива).
 
„Токму во рамките на овој процес што претстои, можно е да се решаваат сите постоечки проблеми во радиодифузијата кај нас, но тоа треба да се направи во еден сериозен и транспарентен процес, кој треба да даде одговори на сериозните прашања и проблеми со кои се соочуваат медиумите во Македонија денес. За жал, констатираме дека секогаш кога се донесува регулатива која се однесува на медиумите, тоа се прави во последен момент, и на неинклузивен и нетранспарентен начин. Нагласуваме дека независноста на регулаторното тело Совет за радиодифузија на Република Македонија е клучно за независноста на електронските медиуми“, се додава во реакцијата.
 
Измените и дополнувањата на Законот за радиофузната дејност, поднесени од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, предвидуваат зголемување на бројот на членовите на Советот од девет на 15. Од новите шест членови, по двајца ќе предлагаат претседателот на државата и ЗЕЛС, и по еден Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државната комисија за спречување корупција.

OhridNews
извор: „Макфакс“