Бизнисменот Минчо Јорданов наскоро ќе биде прогласен за почесен граѓанин на Охрид за исклучителни заслуги за афирмација на Охрид во Европа и Светот. Одлуката се очекува да ја донесе Советот на општината на н аредната седница, закажана за 29 јануари.

Во образложението на одлуката се вели дека Советот на Општина Охрид, по повод одбележувањето на денот на раѓањето на знаменитиот охридски и македонски преродбеник, Григор Прличев, согласно Одлуката за востановување и доделување општински награди и признанија,   го доделува признанието „Почесен граѓанин на Охрид“ на познатиот бизнисмен, вљубеник во Охрид и негов неуморен афирматор, МИНЧО Јорданов  за исклучителните заслуги за афирмација на Охрид во Европа и Светот.

Во образложението на предлагачаот натаму стои:

„Минчо Јорданов, како бизнисмен, менаџер и  политички  истакната личност во меѓународни размери, со својата активност и љубов кон градот на Климента  со години наназад, несебично и неуморно придонесува   за афирмација на Охрид како духовен, стопански, културен, спортски и туристички  центар на Македонија – пронесувајќи го на тој начин  значењето на градот на УНЕСКО со сето негово културно- историско наследство и природни  убавини.

Како вистински вљубеник во Охрид, потврдувајќи се себеси и како филантроп и мецена, Минчо Јорданов во 1998 година целосно  ја донираше со свои средства изградбата на СПОМЕН  КУЌАТА на истакнатиот книжевен преродбеник по кого Охрид е препознатлив на далеку, Григор Прличев. Со таа донација, со тоа свое меценство како израз на љубовта кон  современиот духовен  живот на Охрид, Минчо Јорданов овозможи градот  истовремено да се оддолжи кон својот ловороносец, а од друга страна да се стекне со пријатно катче каде се одржуваат бројни  манифестации  од областа на културата. На тој начин се овозможи Охрид да биде средиште на бројни културни настани  со што градот се афирмира по своето современо пулсирање, а не само по  наследството од минатите времиња.

Советот на општината, доделувајќи го Признанието „Почесен граѓанин на Охрид“ на г-дин Минчо Јорданов  на скромен начин оддава признание за неговата  несебична ангажираност во промовирањето на Охрид во Европа и светот во времето кога како вицепремиер во Владата на Македонија се залагаше да ги анимира потенцијалните инвеститори од  светот да се заинтересираат и дојдат во Охрид. Својата љубов кон Охрид и желбата да го афирмира градот во меѓународни рамки, Минчо Јорданов ја потврдуваше и на тој начин што, со години наназад, своите бизнис-партнери и луге од политичкиот и јавниот живот од  разни земји на светот, а особено оние европските, ги доведуваше токму во Охрид на работни средби, склучување деловни договори или одмор и дружење. Благодарение токму на таквата желба на г-динот Јорданов, многумина истакнати луге од светот го посетиле или за првпат го виделе Охрид , а ние сме стекнале нови пријатели во нив.  Конечно, не е за потценување , туку напротив, од голема полза за градот е несебичната помош што Охрид и неговите претставници ја добиваат во странство, особено во Швајцарија каде авторитетот на Минчо Јорданов и неспорен  како угледен и влијателен бизнисмен и  сопственик на швајцарската „Дуферко“ односно кај нас познатата и успешна фирма „Макстил“. Токму за тој негов углед, неговото влијание како и неговата љубов кон Охрид, зборува и неговата ангажираност за целосна презентација на Охрид   во Швајцарија – на познатиот  Саем на туризмот во Лугано, како и придонесот за воспоставување официјална соработка меѓу Охрид и овој град во Швајцарија.

Имајќи го сето ова предвид, Советот на општината смета дека со доделувањето на Признанието „Почесен граѓанин на Охрид“ на г-динот Минчо Јорданов се исполнува желбата на бројни добронамерно сограѓани, а постоењето и доделувањето на ова Признание- се афирмира себеси на достоен начин“, стои во опширното образложение на одлуката што треба да ја верификува Советот на општината.