По информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово на кој присуствував и јас, е позитивен на Ковид-19, од денеска ќе бидам во домашна изолација, објави пред малку министерот за здравство Венко Филипче. Тој истакна дека на состанокот ги почитувал сите протоколи за заштита и носел заштитна опрема исто како и останатите присутни.
Ги очекувам епидемиолозите од Институтот за јавно здравје кои освен со мене, ќе направат епидемиолошки анкети и со сите други функционери во Владата кои вчера беа присутни на состанокот. До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување останувам во изолација. Ние го имавме предвид и се подготвуваме и за ова сценарио. Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а јас и од изолација останувам во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжувам да ги координирам сите процеси во справување со кризата. – напиша на Фејсбук Филипче.

OhridNews
					



							






