По големата победа против Хрватска, репрезентативците на Македонија имаат малку време за славје во очекување на последните три средби од групата.


Одличниот настап против Хрватите е многу важен за нашиот состав како на резултатски план, така и психолошки. Поразот од Црна Гора на првиот ден од Првенството е веќе далеку зад играчите и тие расположени и многу мотивирани влегуваат во третиот натпревар против Грција. Додека здравствениот билтен е во ред, Тодор Гечевски од ден на ден се чувствува подобро, репрезентативците ослободени од притисок се концентрираат на продолжението од шампионатот.


„Грција е репрезентација која комплетно го промени составот пред првенството и многумина прерано ги отпишаа. Леснотијата со која ги добиваат натпреварите во Литванија сепак потврдува дека тимот е исклучително квалитетен и останува прв фаворит во нашата група “, вели селекторот Марин Докузовски. „Влегуваме во натпреварот ослободени од притисок знаејќи дека немаме што да загубиме. Одиме на победа, имаме квалитет, знаеме како треба, но во ниту еден момент не забораваме против кого играме. Играчите добро се чувствуваат, денеска одработија полесен шутерски тренинг и ќе бидат максимално подготвени утре. Со победата против Хрватска завршивме голема работа, но не сме ја завршиле целосно. Оваа победа треба да претставува поттик за уште подобри игри во продолжението на шампионатот“, продолжи Докузовски.


Грција е единствената репрезентација во нашата група која досега победи на двете средби што ги одигра. Во првото коло славеше против Босна и Херцеговина, додека вчера ја победи Финска. Составот е комбинација на квалитетни и искусни играчи со многу млади и агресивни кошаркари, што функционираат одлично како тим.


“извор МКФ“
Ohridnews