Охриѓанката Матеа Стоев, на само 15 години ја издаде својата прва книга – стихозбирката „Мојата шарена стихувалка“, во која се поместени 20 песни. Промоцијата се одржа синоќа во ОУ „Григор Прличев“ во рамки на одбележувањето на патрониот празник на училиштето, каде Матеа е ученичка во завршната година.
„Мојата шарена стихувалка“ е моето првенче во кое внимателно ги распослав стиховите од моето детство. Се радувам на секој еден од нив, бидејќи секој еден е плод на фантазија родена во миг на занес, искрена и едноставна, онаква каква што само детскиот ум може да ја создаде. Се радувам што покрај безброј прочитани книги, денес во рацете држам една мала, за мене толку скапоцена книга која на себе го има испишано моето име како автор. Среќна сум, горда и неизмерно благодарна. – рече младата поетеса Матеа Стоев.

Големиот талент на Матеа бил препознаен од стручното жири на литературниот конкурс распишан по повод Осумнаесеттите „Средби под јаворите – Видое Подгорец“ во Колешино, струмичко, посветен на еден од најплодните македонски писатели, патописец, поет, раскажувач и романописец за деца и возрасни. Нејзината поема „Тивко шумолат јаворите“ посветена на животот и делото на Видое Подгорец, го освои прво место помеѓу 600 учесници.

Овој успех беше поттик Матеа да ги собере во стихозбирка песните кои до сега ги напишала, вели нејзината професорка по македонски јазик Мимоза Сталевска.
Бисерните ѓердани кои Матеа ги нарекува „стихувалки“ се прекрасни во својата непосредност, разиграни во својот хумор, проникливи во својата остроумност, но и поучни, топли, весели и полни со фантазија. Стихувалките на Матеа се шарени и од нив можеме да видиме цела лепеза на идеи, совети и други нешта кои го интересираат младиот интелект на младиот човек денес. – истакна професорката Мимоза Сталевска

По средбата со Матеа преку нејзината првонаградена песна посветена на Подгорец, а еве и сега, кога ја имам во раце нејзнината „Шарена стихувалка“, уште повеќе сум уверен дека во блиска иднина во редовите на нашите веќе докажани литературни творци, ќе се најде уште едно ново име, кое со своите идни дела ќе го збогатува фондот на нашата книжевност и за деца и за возрасни. – вели писателот Киро Донев.

Токму кога одбележуваме 127 години од смртта на Григор Прличев, 190 години од неговото раѓање и 160 години од објавувањето на поемата Сердарот, Матеа ја промовира својата прва стихозбирка „Мојата шарена стихувалка“. Ваквите ученици коишто оставаат белег во нашето училиште треба да бидат пример за сите. – рече Маховска Шикалеска.

Г.М.
фото: А. Момироска
Фото галерија:
Од промоцијата на стихозбирката „Мојата шарена стихувалка“ на Матеа Стоев


























