Младинскиот парламент на Охрид, на својата трета, редовна седница  донесе одлуки за формирање на Комисија за млади, како работно тело на Советот на општина Охрид, формирање на советодавно тело за млади во кабинетот на градоначалникот или назначување на Советник за младински прашања на Градоначалникот и одделување на средства од буџетот на општина Охрид за реализација на дел од програмата за работа на Советот на млади на општина Охрид за 2011 година.

   

– Овие одлуки на Младинскиот парламент, доколку се изгласаат и како одлуки на Советот на општина Охрид, ќе бидат многу значајни за понатамошниот развој на младинската политика во општината, а општина Охрид ќе ја потврди заложбата за унапредување на статусот на младите, велат од Младинскиот парламент.


На седницата на Младинскиот парламент се дискутираше и за проектот за набљудување на работата на Советот на општина Охрид „ВЛАСТА ОДБЛИСКУ“, како и за школата за мировна едукација за млади „ Млада МИРамиДА“, која треба да започне во месец март.


    

Младинскиот парламент, во периодот кој следува, ќе ги подготви инорматорите за институциите во општина Охрид, ќе ги координира посетите на институциите од страна на ученици од основните и средните училишта, ќе идентификува проблеми и потреби на младите, кои од како ќе се систематизираат ќе бидат дискутирани на тркалезни маси, трибини, дебати и панел дискусии, со цел локалната самоуправа и институциите да помогнат во нивно решавање и надминување.