Во екот на туристичката сезона, Охрид е преплавен од културно-уметнички настани кои ги задоволуваат апетитите на дел од граѓаните и туристите кои престојуваат на ривиерата. Но очигледно дека и оваа година, забавниот дел кој треба да привлече повеќе млади е доста сиромашен. На тоа, може да се надоврзат и поголемиот дел од музичките изведувачи, кои со години наназад се повторуваат.


Голем дел охриѓани со заеднички став дека забавната содржина во летниот период е несоодветна за едно туристичко место, нагласувајќи дека повеќе од очигледни се „кич“ настаните кои стануваат синоним за Охрид.

За жал, културниот и забавниот живот во Охрид од година во година оди во надолна линија. Охрид е презаситен од човек-бендови, „бербери“, лош турбо фолк до раните утрински часови и по некоја екстравагандна турбо фолк ѕвезда на стадион во екот на сезоната. Речиси десет години, како бенд  не сме пропуштиле ниту едно лето, а да не свириме во Охрид. Без никаква поддршка од институциите, во недостаток на младински културен центар, клубови и слично, ситуацијата е таква каква што е.“ – вели Димитар Савески, од охридскиот хард-кор состав „Хардфејсд“.


Според едни, единствена светла точка во културно забавниот живот на Охрид е фестивалот „Охридско Лето“ од една, односно Diehard summer фестивалот од друга страна.  Младите охриѓани потенцираат дека во градот недостасуваат фестивали под отворено небо, кои би биле одлични за промоција на искусните, односно неафирмираните бендови и музичари од земјава.

Во најнеповолна ситуација и понатаму остануваат авторските бендови, кои во Охрид немаат адекватно место за празнење. Се разбира дека недостасуваат и open-air фестивали, како Аларм или Д Фестивал, кој оваа сабота се одржува во Дојран. Единствена светла точка засега е Diehard summer фестивалот. Сепак, фалат такви и слични настани, со што би се опфатиле и други бендови, кои се квалитетни, а се наши македонски. Има и еден друг проблем, а тоа е што премногу увезуваме шунд, а ништо не извезуваме(со чест на исклучоци). Некомпатибилноста помеѓу местата  од една, и изведувачите или бендовите од друга страна, немањето на концепт на сопствениците на локалите и публиката, доведоа да го загубиме компасот и да заглавиме во тешка „жабокречина“.“ – вели охриѓанецот Јане Тодороски, радио-водител и член на скопскиот бенд „Пеперминт“.


Тој додава дека неквалитетната „забавна“ програма, веќе со години успешно се надоврзува и на останатите сегменти од „културното“ живеење во Охрид.

Прво да го лоцираме забавниот дел на Охрид, физички, каде точно тој се наоѓа, бидејќи моменталната растуреност и контаминираност на иститот тој, засега успешно сите не „забавува“. И така, фино убаво си хибернираме, а лето  е, ама не и сезона. Карванот на „lookass“ фаци си врви, се врти пара, се вртат сомнителни траки во 4/4 такт од уште посомнителни, што увезени што домашни вртачи на цедеа. Се врти шприцер, а богами и клавијатура на спрат на лесковачки роштиљ.“ – додава Тодороски.


Други сметаат дека во Охрид е потребна нова енергија, односно иницирачка „каписла“ која ќе доведе до отворање на нови видици во културното поле, односно културно-забавни манифестации од рангот на „Битола отворен град“.

Мое мислење е дека за жал, во нашиов град владее кутлтурен мрак, тотално непознавање и неинформираност, бледило и кич. И самите настани на културно ниво, стануваат клише, веќе видени и воопшто неинветивни. Треба отворање нови видици на културно поле, потребен ни е ведар и слободен дух меѓу нас, наместо веќе постоечкото бледило кое за жал владее меѓу младите. Да се огледаме на проектот Битола отворен град, и на слични други манифестации низ Македонија. Мене ми се чини дека секаде нешто се случува, освен во Охрид.“ – вели Жарко Јакимоски, вокал во охридскиот хард-рок состав „The Backdoor Band“.

За сега, музичката програма и забавните содржини во Охрид остануваат интересни само за дел од младите, додека повеќето се надеваат дека во иднина, градот ќе излезе од „културно-забавниот кич“.

О.Т.