Во изминативе десетина години,  градот како и повеќето во земјава се соочува со масовни отселувања на помладата категорија граѓани. Охридските средношколци, кои образованието го продолжуваат на високообразовните институции надвор од градот, по завршување на студиите не се враќаат во родното место.

Како главни причини за отселувањето, студентите ги посочуваат лошата економска состојба и неможноста за вработување во Охрид. Онаа група на млади, која се едуцира  во главниот град од земјава, истакнува дека поволностите кои ги нуди Скопје, се доволно примамливи за да останат во местото каде што студираат.

Доколку ситуацијата во Охрид не се подобри, немам причина зошто да се вратам. Едноставно за стручниот кадар, нема вработување во нашиот град. Можностите за еден новопечен академски граѓанин во Скопје, се далеку поголеми. Се нудат работни места, а постојат можности за напредување и градење кариера.“ – вели А. Петкоски, кој веќе трета година студира во главниот град од земјава.

Онаа мала група академски граѓани која се вратила во Охрид, најчесто останува без работа. Иако дипломирани, во локалните институции за нив како да нема место.

Состојбава во градов е очајна. Како дипломиран студент, уште пред неколку години се вратив во Охрид со цел да се вработам онаму, за каде што сум завршил образование. Ама секое вработување на локално и централно ниво, како да е сомнително. Во главниот град, полесно е да се најде работа. Трудот е поплатен, а вложениот напор поценет.“ – истакнува нашиот сограѓанин М.И.

Тој  потенцира дека иако трошоците за живот во Скопје се поголеми, сепак работното искуство и надградувања се главните причини поради кои охриѓани остануваат во главниот град.

По мое мислење, исплатливо е  истовремено да престојуваш и работиш во Скопје. Можеби заштедата од месечните примања е помала, но работното искуство ќе биде олеснителност за понатамошните вработувања. Во Охрид е тешко да се најде било каква работа, со која човек би можел нормално да живее.“ –  истакнува нашиот сограѓанин.

Дел од граѓаните сметаат дека централизацијата која ја преферираат надлежните институции, е виновна за масовните иселувања. Повозрасната категорија граѓани, истакнува дека недоволно се вложува во помалите населени земја.

Вакви масовни иселувања, не се паметат оддамна. Скопје на едно место ги собра сите студенти од земјава, оставајќи ги малите населени места без својата младина. Виновник за оваа појава е таа централизација. Инвестициите ги нема, а нормално дека младите нема да живеат во Охрид ако нема вработувања.“ – вели пензионираниот охриѓанец, Миле Спиркоски.

Оваа негативна појава, по се изгледа ќе биде тренд и во наредните години. Неоспорно е тоа дека  голем дел од идните средношколци, образованието ќе го продолжат надвор од Охрид.  Во секој случај, единственото решение за нивно враќање во родното место,  ќе биде можноста за вработување. До тогаш, градот под Самоиловата тврдина ќе се соочи со промена на својата демографија.

О.Т.