Сексот во Македонија  и натаму е табу тема. Комуникацијата  помеѓу родителите и децата сеуште е испреплетена со срамови, а неинформираноста е сериозен проблем на младите кои во сексуални односи најчесто влегуваат несвесни за можните опасности. Истражувањата покажале дека долната граница  кога младите во Македонија стануваат сексуално активни се спуштила на  13 години, што според експертите се должи на несоодветната едуцираност.


– Денеска младите добиваат безбројни информации од електронските медиуми, весници, интернет, пријатели, но најмалку од училиштето. Младите треба да добијат релевантни информации за сексуалното и репродуктивно здравје, а тоа најдобро ќе биде доколку ги добиваат континуирано преку училиштата со целокупни програми и тоа ќе бидат точни и прецизни информации врз кои младите ќе можат да носат правилни одлуки, вели Александра Вучковска од невладината ХЕРА.
 
Во недостиг на формално сексуално образование едукацијата за сексуалното здравје се сведува на кампањи на невладините организации, кои главниот акцент го ставаат на превенцијата. Една од нив реализира невладината „Млади за млади“.

– Најважна е контрацепцијата. Пред нешто да се случи, несакана бременост па после девојката да абортира, добро е да знаат младите дека можат да се заштитат и затоа ние апелираме до нив да користат средства за котрацепција, вели Мики Трајковски од НВО „Млади за млади“.

Претставници на невладини организации, на подмладоците на политичките партии, и на медиумите изминатиот викенд во Охрид работеа на изготвување декларација за заштита на сексуалните права на младите во Република Македонија, со која се бара соодветна институционализирана сексуална едукација.

Ohridnews