Младите возачи влегуваат во категоријата ранливи учесници во сообраќајот. Токму поради тоа, во пресрет на летото и на матурските прослави, РСБСП започнува со реализација на третата фаза од кампањата „Младост без лудост“. „Наша цел е да се подигне сообраќајната свест, култура и одговрност, а истовремено да се намали бројот на загинати и на повредени млади луѓе“, потенцираат од РСБСП.

Возење под дејство на алкохол, употреба на психотропни супстанции, возење со брзина поголема од дозволената, како и отсуство на употреба сигуреносен појас и понатаму остануваат главни причини за сообраќајни незгоди во кои гинат млади луѓе. Сообраќајните незгоди, според светската статистика, се наоѓаат на врвот на листата „виновници“ за смрт кај младата популација.

Согласно сообраќајната статистика на Министерството за внатрешни работи, како резултат на лудо и неодговорно учество во сообраќајот, минатата година 32 млади лица на возраст од 15 до 24 години, го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 1433 лица се повредени. Во Европската Унија, околу 20% од вкупниот број загинати се млади лица на оваа возраст. Секој ден, приближно 1000 млади луѓе гинат на патиштата ширум светот.

И овој пат, РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот, а особено до младите: почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и учествувајте во сообраќајот безбедно и одговорно.

OhridNews