Несоодветно осветлување, големи количини смет, запуштени влезови и нефункционални куќни совети, се меѓу најголемите проблеми со кој се соочуваат охриѓани кои живеаат во зградите со „викенд-станови“.

Таков е случајот и со зграда на улицата „Димитар Влахов“ број 18 во строгиот охридски центар, чии станари веќе подолг временски период реагираат на недостатоците со кои константно се соочуваат.

Зградата која се наоѓа точно во центарот на градот нема функционална влезна врата. Отворот за лифтот е затворен со кнауфи, кои се веќе искршени и претставуваат потенцијална опасност за децата. Во внатрешноста, кој стигне, фрла ѓубре, а истото долг период скапува во подрумските простории. Секоја година ни доаѓаат гости, приватно или како туристи, кои се чудат на оваа грда слика. Прашуваат дали ова навистина се случува во еден туристички град како што е Охрид?“ – реагираат станари од „Димитар Влахов“ 18.

Како што објаснуваат, осветлувањето во влезот воопшто не работи, а функционално е само неколку седмици во летниот период, кога поединци го приклучуваат на „приватно“ напојување.

Немаме осветлување, освен една-две седмици во летниот период. Видете и сами како истото е приклучено кон некое напојување и заклучено со катанец и синџир. Друг проблем е што немаме куќен совет, бидејќи малкумина живеат во зградата.  Исто така, објектот не е обележан со број, па честопати туристите или самите таксисти имаат потешкотии да не пронајдат, иако сме токму во строгиот центар.“ – вели нашинец кој живее во странство, а моментално престојува во земјава.

Според него, потребно е овие проблеми да се решат институционално, бидејќи повеќето станари не живеат во зградата, па оттука неможноста да се соберат потписи и да се формира куќен совет.

Во зградата ни доаѓаат туристи од Шведска, Данска и Македонија, кои неколкупати реагирале и ги понеле своите впечатоци во матичните земји. Не бараме нешто посебно, туку чисти скали, осветлување и затворање на отворите. Бидејќи сами сме немоќни, потребно е надлежните да ни помогнат, да дадат препораки и да реагираат, за навремено да ги решиме овие проблеми. Во оваа зграда треба да сите да живеат, без разлика дали некој е од Охрид, или пак од другите краеви во земјава.“ – објаснува нашиот соговорник.

Исто така, повеќе од 90 отсто од станбените згради во Охрид не поседуваат противпожарна опрема. Со исклучок во новоизградените комплекси, хидрантите во повеќето влезови се неисправни, а наместо противпожарно црево, во нив можат да се најдат само отпадоци.

O.T.