Мнозинството на советот одлучи- се продолжува работното време на угостителските објекти за два, односно еден час, во празничните денови кои генерираат зголемен број туристи во Охрид.


Согласно одлуката, во месец јуни во текот на пет празнични денови работното време на угостителските објекти се продолжува за еден час, во јули 5 дена работното време ќе биде продолжено за два часа,а  два дена за еден час. Во август, во текот на 11 празнични дена работното време ќе биде продолжено за два часа, а во септември, октомври, ноември и декември во текот на три дена од овие месеци, угостителските објекти ќе работаат подолго за еден час.

Деновите во кои се продолжува работното време се утврдени согласно ингеренциите на советот и предлогот донесен  врз основ на програмата  за одбележување на манифестации и празници.


–    Верувам дека одлуката е соломонско, избалансирано решение засновано врз законските одредби, желбите на жителите во стариот дел од градот, угостителите, како и негативните искуства од изминатите години. Доколку се спроведуваат законите пред се за заштита од бучава, за почитување на работното време, а инспекциските служби си ја вршат својата работа и доколку законите се спроведуваат неселективно, тогаш сме објектите да работаат 24 часа.  Меѓутоа, поради негативните искуства и недоследното спроведување  на законите, принудени сме  да балансираме, рече координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

 Инаку, жителите од Стар град, каде и се наоѓаат најголемиот број угостителски објекти, бараат прекин на работното време на угостителските објекти во 24 часот.

–    Во Стар град во последните години масовно се ивестираше во сместувачки капацитети.Тој сегмент од туризмот обезбедува приходи на голем број семејства кои сакаат сопствената инвестиција да ја повратат, без да бидат попречувани  од угостителските објекти. Да не се продолжува работното време во викенд, затоа што за гостите секој ден  е викенд, велат членовите од Урбана заедница 1, Стар град.

Нивното барање, освен до медиумитеб еше  испратено и до градоначалникот на општина Охрид, советот и до СВР- Охрид.

Т. К.