Меѓу Македонија и Србија има блиски и пријателски односи, а на политичарите останува само да ги продлабочуваат овие историски односи, доколку тоа не е возможно тогаш треба да бидат одговорни барем да не го рушат пријателството кое постои меѓу двете земји, порачуваат од МНР како реакција на изјавата на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во однос на признавањето на уставното име на Македонија од страна на Србија, пренесува „Макфакс“.

Од МНР додаваат дека ова треба да важи и во услови кога е очигледно дека се загрева атмосферата за следното гласање за влез на Косово во УНЕСКО. Српскиот министер во понеделникот во интервју за српските медиуми порача дека неговата земја „испаднала будала кога се работи за признавањето на Македонија и навредувањето на Грција“.

„Србија направи голема грешка поради тоа. Цела Европа и цел свет го користат називот „Поранешна Југословенска Република Македонија“, а ние на нашите браќа Грци им удривме шамар и сега очекуваме од Грција да не го признае Косово, додека пак Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, а сега Македонците секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали, еве ќе употребам недипломатски израз“, рече Дачиќ во понеделникот.

Шефот на српската дипломатија во интервјуто додаде дека Белград во билатералните односи со Скопје ќе го употребува уставното име, но дека мултилатерално ќе користи името кое се употребува во ЕУ и ОН – ПЈРМ. „Сега вие ќе речете дека тоа е освета. Тоа не е освета, тоа е одговорна државна и национална политика. Не е Србија играчка па сите да можат да си играат со нас. Ние на никого нема да му дозволиме да не понижува. Ако на некого не му се важни нашите цркви и манастири на Косово и Метохија, кои се запалени и уништени, и тоа не е доволно за некој да биде барем воздржан на прашањето за УНЕСКО, тогаш морам да ја ставам во прашање и суштината на нашите односи“, нагласи Дачиќ, додавајќи дека„едвај чека кога во меѓународните односи ќе се појави некој став кој е важен за Македонија или Црна Гора, па тогаш да се види како Србија ќе се постави по однос на тоа“.

OhridNews
извор: „Макфакс“