Електронскиот систем за закажување „Мој термин“ кој Министерството за здравство го воведе пред три години, прерасна во најголема база на податоци врз која се градат здравствени политики, смета министерот за здравство, Никола Тодоров, но од друга страна опозицијата обвинува дека тој систем е бренд на смртноста, пренесува „Макфакс“.

„Овој систем одамна веќе не е само систем за закажување на прегледи туку е најголема и најважна база на податоци која се гради и полни и претставува одлична основа за градење на здравствени политики. Во изминатите три години во системот се креирани 1.835.500 електронски досиеја, односно толку граѓани имаат електронски здравствен картон во рамки на системот „Мој термин“, рече Тодоров на прес-конференција.

Во овие три години откако функционира „Мој термин“ на вкупно 1.639.730 пациенти им се издадени 68.817.000 електронски рецепти, а за 1.728.700 пациенти биле креирани вкупно 20.911.000 електронски упати. Овој систем е интегриран со над 70 софтверски компании преку кој секојдневно пристигнуваат над еден и пол милион побараувања.

Тодоров посочи дека според податоците од системот најчесто пациентите имале потреба од специјалистички услуги за интерната медицина, офталмологија и рендген дијагностика.

Установата која извршила најмногу прегледи за овие три години е Универзитетската клиника за редиотерапија и онкологија каде докторите во просек прегледале по 5000 пациенти.

Милан Аризанкоски, проект менаџер на „Мој термин“ истакна дека „Мој термин“ не е само систем за закажување на прегледи туку претставува систем во кој се вклучени огромен број на други модули кои ја градат здравствената база на податоци.

„Од поголемите модули кои се вградени во системот се сите типови на упатувања кон секое ниво на здравствена заштита и сите детални резултати и извештаи од тие упатувања. Понатаму се креирањата и реализацијата на рецептите, целосно се следат од нивното креирање од матичен лекар, па до нивната реализација во аптеките. Како огромен модул е модулот за болничкото работење како и модулот за следење и закажување на хируршките интервенции“, рече Аризанкоски.

Други функционални модули кои се вклучени во „Мој термин“ се модулот за рано откривање на рак, модулот за препишување и реализација на инсулинот, модулот за следење на листа за трансплантација, за следење на биомедицинско потпомогнато оплодување како и модулу за следење на успешноста на здравствените установи и докторите.

„Нефункционалниот систем „Мој термин“ којшто придуцира огромни проблеми на штета на граѓаните и лекарите може да биде бренд на смртноста и катастрофата во здравство на Никола Тодоров. Дури 82 новороденчиња починале во првите шест месеци од оваа година само на Клиниката за гинекологија во Скопје. Новороденчиња и родилки умираат, дијабетичарите немаат инсулин, болните од рак не ги добиваат најновите генерации лекови, по клиниките нема основни медицински материјали, амбулантите се руина“, обвинија од СДСМ.

Сметаат дека министерот Тодоров, одамна требало да замине од позицијата и да ја понесе одговорноста за катастрофалните последици од нефункционалниот систем на здравството.

„Никола Тодоров никогаш не отишол да закаже преглед преку „Мој тернмин“, не чекал по ходниците и не ги видел изморените лица на болните како безнадежно седат пред вратите“, додаваат од СДСМ.

OhridNews
извор:„Макфакс“