Министерството за образование и наука информира дека полагањето на државната матура, ќе продолжи да се имплементира и во оваа учебна 2014/2015 година, при што ќе ја опфати осмата генерација матуранти. Исто така, ќе продолжи да се имплементира и процесот на екстерното тестирање.

Од МОН потенцираат дека во изминатиот период Владата на Република Македонија реализирала контакти и средби со дел од засегнатите групи во рамки на споменатите процеси и реформи, а во врска со извесни посочени предизвици при нивната имплементација.

– Почитувајќи ги нивните најдобри интереси, беа донесени неколку конструктивни, суштински одлуки. Односно, беше одлучено и понатаму да продолжи примената на досегашната Концепција за државна матура и завршен испит, да се врати стариот модел на полагање државна матура, полагањето на тестовите да се врши единствено во писмена форма и предметот математика да биде алтернативен за сите ученици. Веќе од понеделник ќе започне и пријавувањето на матурантите за полагањето на државната матура по стариот модел, додека по однос на екстерното тестирање, согласно досегашната пракса, во следните денови ќе биде објавен и јавниот базен со прашања по сите предмети за оваа учебна година, велат од МОН.

Оттаму сметаат дека реалните и издржани барања претставени за време на средбите биле исполнети. Апелираат до сите ученици кои ја бојкотираат наставата, да не наседнуваат на манипулации и да се вратат во училишните клупи за да продолжат со извршување на нивните училишни обврски.

OhridNews