Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека завршија градежните активности во 40-те училишта каде во текот на летниот период се работеше на подобрување на санитетско – хигиенските услови и на пристапноста за учениците и лицата со попреченост.
Според МОН, во најголем дел од објектите кои беа опфатени, се изградија пристапни рампи и се адаптираа тоалети за ученици со посебни потреби. Некаде пак, се реконструираа постојните тоалети, подовите и воопшто внатрешноста на објектите, вклучително и училниците.
Овие училишта се дел од поширок план за унапредување на условите за следење на наставата и за подобрување на пристапноста во вкупно 118 училишни објекти, за што обезбеден е буџет во рамки на проектот за унапредување на основното образование, кој се финансира со средства од Светска банка, наведува Министерството.

Подобрувањето на инфраструктурните услови, заедно со замената на наставните програми и набавката на нови учебници, како и подигнувањето на мотивацијата на наставнциите за работа преку повисоки лични примања и можности за професионален и кариерен развој, се дел од поголема стратегија на МОН за унапредување на квалитетот на основното и средното образование, усвоена преку широка јавна дебата и со согласност од сите засегнати чинители, истакнува Министерството за образование и наука.
OhridNews
 
					




 
							







 
					