Над двесте моторџии од земјава, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора и од Република Српска, зедоа учество на Балканското собрание на националните одделенија од познатото мото здружение „Ноќни волци“, што се одржува викендов во Охрид.

Домаќини се „Ноќните волци“ од Македонија, а се разговара за прашања и теми поврзани со клубот, кодексот на однесување, едукацијата и безбедноста, како и за соработка и солидарност, што е едно од главните мота што ги поврзува членовите на ова здружение од балканските земји, изјави Ленин Јовановски – претседател на „Ноќни волци“ Македонија и на одделот на здруженито на Балканот.

Ленин Јовановски, вели дека една од целите на „Ноќни волци“ е да ги разбие стереотипите дека моторџиите се лоши момци, насилници и криминалци, посочувајќи дека Македонија нема банди на две тркала. Посочува дека членовите на „Ноќни волци“ се реализирани луѓе, успешни во дејностите во кои работат и делуват.

Претсесателот на „Ноќни волци“ – Србија Саша Савиќ истакна дека членовите на ова здружение се вљубеници во мотори, чесни луѓе кои се искрени и кои ги вреднуваат своите, а ги почитуваат туѓите традиции и вера.

Бојчо Лештански, претседател на „Ноќни волци“ Бугарија, истакна дека со другите оддели на здружението на Балканот соработуваат на братска основа и дека секаде каде што одат кај нивните колеги се чувствуваат како дома.

Убавото време „Ноќните волци“ од регионот денеска го искористија да го разгледаат градот и уживаа со кафе и пијалок на терасата „Аквариус“. 

Г.М.