Потребно е дополнително мислење на стручно-научната јавност по однос на иницијатива за воведување на подеднакво родителство и по развод, особено во делот на ефектите на поделеното старателство врз развојот на децата и нивниот најдобар интерес. Ова е ставот на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), кое потврди дека до ресорното министерство е доставена Граѓанска иницијатива на група родители за воведување на подеднакво родителство и по развод.

„Потребно е да се спроведе и компаративни анализи на евентуални  практики на примена на подеднакво родителство, како и да се направи проценка на влијанието на постојната регулатива“, се вели во писмениот одговор на МТСП на прашањата на Макфакс во врска со иницијативата.

Од Министерството истакнуваат дека ја следат состојбата и ја разгледува можноста за унапредување на постојната регулатива во делот на остварување на правото на детето да одржува постојани контакти и лични односи со родителите по разводот на бракот, во кој процес ќе се имаат во предвид пред се меѓународните документи и стандарди, особено Конвенцијата за правата на децата на ООН,  оцена  на нашиот социјален контекст и потребите на граѓаните, но имајќи го во предвид најдобриот интерес на детето.
При регулирањето на контактите помеѓу детето и родителот со кого не живее заедно, постоечкиот закон предвидува родителите да се договорат за начинот и динамиката на одржувањето на контактите, велат од Министерството.

Доколку родителите не се договорат  Центарот за социјални работи со решение  ги определува истите, врз основа на индивидуалниот план за работа со детето и наод и мислење на стручен тим, а согласно потребите и интересите на детето.

Притоа Законот за семејството не го ограничува времетраењето на контактите на детето со другиот родител, туку упатува на интердисциплинарна, стручно-методолошка работа на стручниот тим на центарот, се вели во соопштението на Министерството за труд и социјална политика.

OhridNews
извор Макфакс