Работниците кои поради корона кризата останале без работа, независно од времето поминато во работен однос, ќе добиваат паричен надоместок преку Агенцијата за вработување во времетраење од два месеца. Надоместок ќе добиваат невработените лица на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април 2020 година, информираат од министерството за труд и социјална политика.

  • Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека во изминатиов период на голем број од невработените им бил прекинат работниот однос врз основа на потпишана спогодба, отказ или лична изјава. Со новата уредба, сите тие добиваат право на паричен надоместок, велат од министерството.

Во Уредбата е предвидено паричниот надоместок да се исплатува во висина од 50% од месечна нето плата на работникот исплатена за последниот месец, но не повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, објавена за последниот месец.

За да добие паричен надоместок, невработеното лице треба да достави барање во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на новата Уредба, до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување.

OhridNews