Македонската традиционална таеквондо федерација (МТТФ) учествуваше на Европското таеквондо ИТФ првенство кое се одржи во Хераклион на Крит, Грција од 19 до 26 април. На првенството учестваа 956 натпреварувачи од 31 земја од Европа, како и натпреварувачи од Русија, Белорусија и Казахстан, со што истото доби на тежина. Боите на макеоднската репрезентација под водство на претседателот Марјанчо Лазаревски ги бранеа 7 натпреварувачи кои прикажаа одлични борби во своите групи, при што тројца од нив стигнааа до четвртфинале во борбата за медал, но за жал неуспеаа да се закитат со медал на ова Европско првенство.
Миа Танеска, беше најблиску до медал во категорија борби, девојчиња 11–13 години (+65 кг), која во четвртфинале се бореше против пртеставничката на Шпанија. Во регуларниот дел борбата заврши нерешено. Во екстра рундата Миа цело време беше во предност, но, во последните секунди ја загуби борбата за медал, останувајќи на чекор до полуфинале и освојување на својот прв европски медал, додека во форми во категоријата 11–13 години девојчиња – црвен појас, беше елиминирана во 1/8 финалето од претставничка на бугарската репрезентација, вели Лазаревски.
Посочува дека Давид Крстески кој првпат настапува како сениор, со своите 18 години успеал да се пласира во четвртфиналето, победувајќи ги во неговата група, претставниците на Бугарија и Велс, при што го повредил стапалото на десната нога. Во четвртфиналето против претставникот од Русија цело време водел изедначена борба, но при крајот Русинот успеал да земе 2 поени, со што и Давид не успеал да се закити со медал.
Христијана Парулеска натпреваруваше во две дисциплини, во форми со две победи стигна во четвртфиналето, но загуби од претставничката на Русија која беше подобра, додека во борби, за жал не ја помина групата. Теодора Митреска настапи во категорија форми – сениори (18–34 години), црн појас ( први дан), каде што по добра изведба беше елиминирана од претставничката на Шпанија. Исто така настапи и во во категорија борби сениори (18–34 години, -67 кг), а како дебитант на Европското првенство, имаше настапи и против претставнички од Бугарија, Русија и Украина. Иако прикажа квалитетни борби, не успеа да обезбеди пласман во борбата за медал, истакнува Лазаревски.
Владимир Димитриевиќ, во категорија борби сениори (18–34 години, -78 кг), вели, настапил против претставници од Бугарија, Русија и Германија. И покрај одличните настапи, сепак, не успеал да се пласира во борбата за медал и да го повтори успехот од претходното Европско првенство во Естонија.
Климент Богоески, во категорија борби јуниори (16–17 години, -57 кг), настапи против претставници од Белорусија, Шпанија и Бугарија. Како дебитант на Европските првенства, прикажа одлични борби и оствари победа над претставникот на Шпанија, додека против натпреварувачите од Белорусија и Бугарија загуби во тесна бодовна разлика. Божидар Димитриевиќ, во категорија борби сениори (18–34 години, +92 кг), настапи против претставникот на Естонија, при што се здоби со повреда во втората рунда. По лекарски преглед, не му беше дозволено да ги продолжи настапите против претставниците од Русија и Бугарија.
Во склоп на македонската репрезентација настап имал и Давид Велковски како бодовен судија, кој е лиценциран меѓународен Б класа судија.
Ова е негово второ учество како судија на Европско првенство, а ова првенство му беше тест за во иднина, при што беше многу пати пофален од челниците на судиската комисија, извршувајќи ја својата задача професионална на завидно ниво без пристрасност, со што веќе е најавен како судија за наредното Европско првенство кое ќе се одржи во Рига, Латвија, додава Лазаревски.

OhridNews














