Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „измама“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 31-годишен жител на Струга.

Во текот на ноември 2015 година, пријавениот со цел за себе да прибави противправна имотна корист, на негов пријател од Струга лажно му прикажал факти и го довел во заблуда, кажувајќи му дека познава луѓе од Скопје кои за одреден паричен надомест ќе му обезбедат работно место во Германија. Притоа, пријавениот побарал и во периодот ноември 2015-јануари 2016 година, добил вкупно 66.920,оо денари. Тој не му обезбедил работа и заминување во Германија, со што го оштетил за наведената сума, која според негово кажување била потребна за документација, за пат, за лекарско, за стан, за повратна карта, за данок и слично. По препорака од пријавениот, оштетениот на е-маил адреса испраќал скенирани лични документи-лична карта, трансакциона сметка, лекарски прегледи и друга документација која наводно била потребна.

Во декември минатата година, пријавениот ги искористил личните податоци од оштетениеот и во негово име подигнал кредит од фирмата „ФД М Кеш Македонија“ ДООЕЛ-Скопје. Доведувајќи го во заблуда, пријавениот на својот пријател му кажал дека по грешка на неговата трансакциона сметка се префрлени 7000, 00 денари и го навел, парите да ги извади и да му ги даде. На 26-ти јануари оваа година, оштетениот од фирмата добил телефонско известување дека има паричен долг за кредитот што претходно му бил исплатен.

OhridNews