Досегашниот в.д претседател на Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини ја доби довербата од делегатите на Редовното генерално собрание кое денеска се одржа во Охрид. Сејдини функцијата претседател на ФФМ ќе ја извршува до 2021 година кога му истекува редовниот мандат.

 

За Сејдини кој беше преставник од Општински фудбалски сојуз од Кичев гласаа вкупно 82 делегати од 96 кои беа пријавени на почетокот. Присутни на Редовното собрание беа 90 делегати.

Почитувани делегати, почитувани преставници на УЕФА и ФИФА и почитувани гости. Сакам јавно да ја искажам благодарноста за довербата. Голема е честа да се биде прв човек на ФФМ, а уште поголема да се борам за доброто на македонскиот фудбал. Вратата во ФФМ секогаш ќе биде отворена за вљубениците во фудбалот. Сакам, заедно сите да се соочиме со предизвиците и да ги прифатиме со две раце. Ве убедувам дека не погрешивте со изборот. – изјави Сејдини после изборот.

Сејдини е петти претседател на ФФМ. Претходно водечки луѓе на ФФМ беа Љубисав Иванов-Ѕинго, Харалампије Хаџи-Ристески, охриѓанецот Ламбе Арнаудов и Илчо Ѓорѓиоски.

На Редовното генерално собрание присуствуваа Давор Шукер како член на Извршниот комитет на УЕФА,  раководителот за управување и усогласеност во УЕФА, Алекс Филип и Хејди Беха кој е менаџер за развој во Светската фудбалска Асоцијација.

Мх.П.