Министерствата за внатрешни работи на Р. Македонија и Р. Хрватска, вчера, потпишаа Договор за меѓусебна соработка кој треба да претставува доуредување и продлабочување на досегашните односи.

Како што соопшти МВР, двајцата министри, во рамки на Договорот за соработка, потпишаа Протокол според кој македонски полициски службеници може да им помагаат на хрватските и обратно, доколку се јави таква потреба заради зголемениот број на туристи или државјани на една во друга земја.

Министерот Јанкулоска оцени дека надградувањето на постоечката рамка меѓу двете министерства се случува во исклучително важен момент за Р. Македонија во кој од огромно значење ќе бидат сите негативни и позитивни искуства на Р. Хрватска во контекст на исполнувањето на условите за членство во ЕУ. Јанкулоска се заблагодари за хрватската поддршка на самитот во Чикаго и решителноста на Р. Хрватска да помогне во евроатлантските интеграции на Р. Македонија.

Хрватскиот министер Остојиќ дека останува определбата на Р. Хрватска за побрзо интегрирање на регионот, што ќе значи поголема безбедност и засилен економски просперитет за сите земји. Министерот Остојиќ изрази подготвеност за продлабочување на соработката на оперативно, полициско ниво, меѓу одделите за организиран криминал.

OhridNews