Верниците од муслиманската вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам. Со утринската молитва сабах-намаз, а потоа и со молитвата бајрам-намаз почнува тридневна прослава, во која почитта кон Алах муслиманите ја искажуваат со колење курбан.

Курбан Бајрам е 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр Бајрам, а го означува денот кога е комплетиран светиот Куран.

Хуманизмот, хармоничните односи меѓу луѓето, меѓу човекот и светот и стремежот кон мир и благосостојба, како основни принципи на Исламот, на Бајрам се исполнуваат со посетување на роднините и пријателите и со честитки и добри желби за секој намерник. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот, кој е доказ за солидарност и благосостојба.

Традиционално Курбан Бајрам денеска ќе го одбележат и муслиманските верници од Охрид кои согласно обичаите ќе принесат жртва-курбан и ќе ги посетат сиромашните семејства.

По повод Курбан Бајрам, честитки до верниците со муслиманска вероисповед упатија премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорѓе Иванов.

-Мултирелигиското општество, почитувањето на различностите и заедничките цели и вредности кои ги споделуваме како граѓани на Република Македонија претставуваат наша компаративна предност пред светот. Македонскиот модел овозможува услови за развој на потенцијалите на секој поединец. Во духот на заедништвото, сите ние граѓаните на Република Македонија, од сите вери и нации, да продолжиме со реформите и модернизацијата на земјата, со напорите за обезбедување на економски развој и унапредување на стандардот на граѓаните, услови за развој на културата, образованието и останатите општествени дејности, и изградба на силна и напредна Република Македонија како дел од европското и евроатлантско семејство. Уште еднаш, испраќајќи најискрени честитки, на сите верници од исламската религија ви посакувам благослов, среќа и убави празнични денови. Нека Ви е честит големиот муслимански празник!“, се вели во честитката на премиерот Груевски по повод Курбан Бајрам

-Курбан-бајрам е празник на солидарноста и заедништвото, празник кој ги потенцира сите човечки доблести и празник на кој им се подава рака на сите помалку имотни на кои им е потребна материјална поткрепа. Токму во таква атмосфера на меѓусебна почит и дарежливост нека помине и годинешново празнување. Убеден сум дека Исламската верска заедница и натаму ревносно ќе продолжи да учествува во градењето на доверба и разбирање помеѓу различните религии и етникуми во Република Македонија и ќе придонесе во остварувањето на нашата заедничка визија модерна, развиена и просперитетна Република Македонија. Нека Ви е честит Курбан-бајрам“, стои во честитката на претседателот Иванов.

OhridNews