Необезбеденоста и слабото присуство на свештени лица е причина за зачестените кражби во селските цркви, сметаат експертите, според кои, грижата за вредното културно наследство кое се наоѓа во сакралните објекти е недоволна.

Милчо Георгиевски – историчар на уметност во Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, смета дека запуштеноста на селата е причина зошто кражбите на икони се случуваат во руралните средини.

–  Поголемиот број од селата се речиси празни, а онаму каде што се населени претежно се тоа стари луѓе кои не се способни ни самите за себе да водат грижа, а камо ли да водат грижа за културното наследство. Во овие средини црквите се сосема незаштитени и се многу лесно достапни на крадците, бидејќи, претежно луѓето кои ги чуваат се постари луѓе и дури и пред очи да им се случи кражба не се во состојба да реагираат. Причината за тоа е и слабото присуство на свештеници на МПЦ кои во селата одат само за време на слави или не дај боже погреб, но во поголем дел црквите во селата се оставени сами на себе, истакнува Георгиевски.

Од селските цркви во струшко во 2009 година се украдени 40-на икони, меѓу кои и неколку вредни дела на Дичо Зограф. Најчесто тие завршуваат на европскиот нелегален пазар, а дел во  приватните збирки во земјава. Без разлика колку се вредни или не тие сепак не треба да се отуѓуваат бидејќи се дел од нашата историја и културно наследство, вели Георгиевски, кој потсетува дека во минатото од црквите во охридско се украдени исклучително значајни дела.

– Во зимата помеѓу 1986 – 87 година во манастирот Св. Наум беа украдени 13 од празничните икони на иконостасот кои за жал до ден денешен не се пронајдени, ниту е пронајдена некаква трага. Една од поголемите кражби е случена во седумдесетите години од минатиот век, кога беа украдени неколку икони од црквата Св. Јован Канео, кои со посредство на Интерпол беа пронајдени во Франкфурт –  Германија и беа вратени, меѓутоа не долго време потоа дел од нив повторно беа украдени и до ден денешен не им се знае трагата, објаснува Георгиевски.


Од Охрид на разни начини исчезнале и многу други вредни предмети, претежно преку војските кои поминувале тука. Ден денес многу од тие предмети се наоѓаат во музеите во Бугарија и Србија.

– Уште за време на кралството Југославија голем број предмети од археолошките ископувања биле носени директно во Белград и денес се наоѓаат во тамошните музеи каде има икони кои нашите луѓе ги подарувале на тогашниот крал Александар Караѓорѓевиќ, исто така на маршалот Тито му  е подарена една икона која и ден денес се наоѓа во белградските музеи. Голем број предмети на разни други начини и по шверцерски канали се изнесувани, така да сме среќни што и олку е сочувано, вели Георгиевски.


Од Дебарско кичевската епархија велат дека во соработка со црковните одбори во селата ги засилиле мерките на претпазливост, што според надлежните институции за заштита на културното наследство е недоволно. Неодамна во црквата Св. Ѓорѓи во Струга беше изградена галерија на икони во рамки на која има помало депо каде ќе бидат чувани дел од иконите, што според научните работници е вистинскиот начин како да се зачува културното наследство.

– Црквата во соработка со институциите задолжени за заштита за културното наследство, треба да реши дали во црквите ќе изгради депоа  каде ќе бидат чувани вредните предмети, меѓутоа по сугестии и начин утврден од научните институции, бидејќи за жал морам да напоменам дека во многу лоша состојба се наоѓаат дел од иконите во охридските цркви, како тие во црквата Св. Никола Геракомија, Каменско, Св. Ѓорѓи во Горна Влашка маала, Св. Никола во Долна Влашка маала. Таму има доста вредни икони, но условите во кои тие се чуваат се загрижувачки, предупредува кустосот Георгиевски.


Милчо Георгиевски

Тој смета дека е неопходно да се подобри  комуникацијата помеѓу институциите и црквата со цел да се зачува вредното наследство. Иконите ниту припаѓаат на нашите институции, ниту припаѓаат на црквата, тие припаѓаат на македонскиот народ, на верниците кои ги чувале со векови и ние сме должни да направиме се заеднички да ги зачуваме овие вредни сведоштва за нашата историја и култура за идните генерации, бидејќи ако не го направиме тоа, ќе бидеме осудени кога тогаш, додава Георгиевски.

Горан Момироски