Охрид во летниот период ќе биде домаќин на низа културни, забавни и музички манифестации, кои на еден начин ќе треба да ги задоволат вкусовите на многумина кои ќе престојуваат на ривиерата.

Едни сметаат дека музичките збиднувања во градот треба да бидат распоредени во текот на целиот летен период, додека други со став дека понудата е далеку под очекувањата и несоодветна за едно туристичко место како Охрид.

„Досега како врв на сите случувања и настани во градов преку лето, од аспект на електронската музика, претставува Green beach Festival. Оваа година со настап на Danny Tenaglia, кој е вистински пионер на house музиката, се носи квалитетен и вистински звук. Derrick May е исто така легенда на house музиката и познат креатор на футуристички стил  на хаус, после попознат како техно. Двата ди-џеја се од САД и се доста квалитетни. Иако поголем дел од младината кај нас не е запознаена со нивните дела, тие се одлични продуценти и поседуваат неверојатни ди-џеј вештини.“ – вели охридскиот ди-џеј Јован Секулоски.

Според него понудата во Охрид во текот на летниот период е добра, но не солидна. Како што вели, потребно е настаните да се рапоредат во текот на целиот летен период, за музичката сцена во градот да има еден соодветен континуитет.

„Може повеќе да се работи на тоа да се носат други артисти, чиј ангажман не чини премногу, а со добра реклама можат да се протнат на нашиот пазар. Потребно е повеќе да се работи на квалитет, него на квантитет. Да се посвети повеќе внимание на младината и настаните да се распоредат во текот на целиот летен период, а не само од 20-ти јули до 2-ри август. Едноставно градот нема доволно капацитет за да се справи со толкавата толпа и нормално, не можат сите да бидат задоволни. Исто така, повеќе треба да се искористи потенцијалот на локалните ди-џеи, да  бидат соодветно платени, а не да се форсираат некои самопрогласени професионалци и „имиња“ од другите градови.“ – смета Секулоски.

Дел од охриѓани сметаат дека на градот му недостасува поголем фестивал, кој на едно место ќе ги спое повеќето музички жанрови.

„Во последниве неколку се се случува во еден исти летен период. Концертите кои се нудат, не се ништо ново. Потребен е поголем фестивал каде ќе се спојат повеќе жанрови и луѓето во вистинска смисла на зборот ќе почуствуваат адреналин и журка. Тоа, се разбира не се однесува на турбо-фолкот. Како и секоја година организираме еден концерт во Охрид и сме ограничени околу место, клуб итн. Од друга страна, ни треба премногу време и информации да дознаеме кој во кој ден од овој период ќе има настап, бидејќи луѓето буквално се преплавени од информации, а сето тоа се случува во една седмица, па се нема можност за одлука каде да се оди.“ – вели Климент Вељаноски од охридскиот метал-кор бенд Hardfaced.

Други потенцираат дека покрај неколкуте свирки, фестивали и концерти, единствена светла точка од културен аспект е манифестацијата „Охридско лето“.

„Од еден поинаков апсект, Охридско лето нуди култура, уметност и забава. Среќа што покрај овие турбо-фолк „манифестации“, градот нуди нешто што е барано во светски рамки. Тука е познатиот Мрвица, Voca People и останатите изведувачи од самиот врв на класичната музика. Мислам дека Охрид како град треба да поработи, повеќе вакви и слични настани, да се случуваат во текот на целиот летен период, по пример на гореспоменатата манифестација.“ – сметаат дел од младите.

Охрид во летниот период ќе биде домаќин на 54- то издание на фестивалот „Охридско лето“, 21-то на „Охрид фест – Охридски трубадури“, концертот на македонската дива Каролина Гочева, диџејот Дерик Меј и Македонската филхармонија, Цеца, петтото фестивалско издание на „Грин Бич“ со њујоршкиот легендарен ди-џеј Дени Тенаглиа, „Love and Happines“ фестивалот на Градиште со Judge Jules, гостувањето на Jason Falzone, па се до настапите на Владимир Четкар, Горан Папаз и Петар Маркоски, свирките на Hardfaced, The Author и Комунална Хигена и други.

O.T.