Министерството за внатрешни работи со демант по пишувањата за депортацијата на научник со колумбиски пасош, кој живее и работи во Швајцарија, а кој требаше да учествува на научната конференција за блатни екосистеми што идната недела ќе се одржи во Охрид. Од МВР ги отфрлаат информациите за наводни неправилности околу одбивањето на влез во Република Македонија на колумбиската државјанка.

– На 27 април 2018 година на граничниот премин Аеродром Скопје на влез во Република Македонија од Цирих допатува лицето Н.О.П. (31), со патна исправа од Колумбија. По извршената пасошка контрола, констатирано е дека Н.О.П. не поседува валидна виза за влез во Република Македонија и на ова лице му е одбиен влез во Република Македонија. Службениците на граничната полиција постапувале согласно законските прописи и ничии права не се повредени, ниту пак некој е насилно качен во авион, велат од МВР.

Оттаму, потенцираат дека виза за влез во Република Македонија не им е потребна на: државјаните на земјите членки на ЕУ и потписнички на Шенгенскиот договор; на државјани на трети земји со постојан престој во земја членка на ЕУ или потписничка на Шенгенскиот договор;  или на државјани на трети земји со важечка повеќекратна Шенген Ц виза со рок на важност подолг од најмалку пет дена од планираниот престој во Република Македонија; како и на државјани на трети земји со важечка британска, канадска или американска виза со рок на важност подолг од пет дена од планираниот престој во Република Македонија.

Н.О.П. имала колумбиски пасош со привремен престој во Швајцарија, што не ја ослободува од обврската за поседување виза за влез во Република Македонија.

OhridNews