СВР Охрид до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријави против Т.Ж.(50) од Охрид, поради основано сомение дека во периодот од декември 1999 до март 2006 година во својство на директор и претстедател на УО на АД за производство, откуп, обработка и трговија со тутун у.и. “Југотутун“ Охрид, сторил девет кривични дела од кои шест дела – “злоупотреба на службената положба и овластувања“ како и кривичните дела – “измама“, “пуштање чек без покритие“ и “фалсификување или уништување деловни книги“, со што ги оштетил акционерите и вработените во друштвото за вкупен износ од 42.928.653 денари. Исто така СВР Охрид во врска со овој случај поднесе кривична пријава и против лицето Н.Е.(61) од Скопје, која во периодот додека била претседател и член на Надзорниот одбор на “Југотутун“-Охрид (Табак Тутун Охрид), се сомничи дека сторила кривично дело – “злоупотреба на службената положба и овластувања“.

Пријавениот во периодот од 2000 до 2002 година склучил осум штетни договори со тутунски претпријатија од земјата и од странство, а притоа не побарал никакви гаранции за заштита на интересите на друштвото од евентуални неуспеси од деловната соработка при подготвувањето на извоз и извезувањето на тутуни од РМ. Истиот не покренал никакви активности за тужење на сите коминтенти коишто му должеле на друштвото нанесувајќи и така голема финансиска штета на фирмата со која што раководел. Во контекст на ваквиот однос пријавениот во 2005 година не ги пријавил ни побарувањата на друштвото, односно не поднел барање до ликвидаторот на Македонија табак 2000 Скопје  за пријава и напалата на побарувања.

Осомничениот во тој период во два наврати заложил тутуни, но не ги осигурал кај осигурително друштво од ризици кои што можат да настанот во текот на регистрираниот залог и извозниот аранжман, што всушност и се случило, па затоа Министерството за финасии поради наплата на исплатени финансиски гаранции за два кредита што пријавениот во својство на директор ги подигнал во висина од 200.000, односно 800.000 германски марки, поднело тужба за наплата на своите побарувања. Министерството за финасии со правосилна пресуда ги наплатило своите побарувања од друштвото во висина од 42.928.653 денари (преку компензација со недвижен имот на друштвото).

По однос на земените кредити пријавениот свесно издал бланко обрасци на чекови, меници и изјави за нивно гарантирање на исплата, споротивно на законските одредби ставајќи ги во заблуда службите при Македонска банка и при Министерството за финасии со лажно прикажување и прикривање факти во целиот период на издавањето на гаранциите за пролонгирање на роковите за наплата на кредитите и другите обврски. Тој издал и пуштил во промет петнаесет акцептни чекови-налози и една трасирана меница за двата кредита иако знаел дека нема покритие во вид на парични средства и дека во наредниот период ќе нема покритие за двата кредита.

Пријавениот кредитите не ги вратил, тутуните не се продадени ниту пак обезбедени, не се реализирани во целост склучените договори со тутунопроизводителите и купувачите, ниту пак е водена грижа за складиштењето и чувањето на тутуните, така што на тутуните им се губи трагата, а на фирмата со која што раководел, односно на акционерите и вработените им е нанесена голема штета.

При примопредавањето на својата функција во март 2006 година Т.Ж. всушност не извршил примопредавање на архивите, недвижниот имот, репроматеријалите, другите суровини и тутуни, па новата раководна гарнитура присилно во постапка со извршител успеала да влезе во друштвото. Меѓутоа при влегувањето е затекната растурена архива на книговодствено-финасиска документација.

Второпријавената Н.Е. во својство на претседател на НО на друштвото во периодот од 2000 до 2006 година не превзела никакви службени дејствија за контрола врз целокупното работење на претпријатието, ниту пак во насока на благовремено информирање на акционерите за несовесното работење и злоупотреби на првопријавениот.

извор: МВР