До сега во Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање (МЖСПП) не се пристигнати никакви официјални барања од инвеститорот ниту пак од било кој друг орган на централната или локалната власт со кои се започнува постапката за изградба на туристичкиот комплекс во Љубаништа, поради што МЖСПП нема започнато консултации со албанскиот партнер во Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро во рамките на УНЕСКО, во врска со амбициозниот проект на компанијата на индискиот бизнисмен Субрата Рој, за кој е најавено дека ќе почне да се реализира во март следната година.

-Од оваа причина, МЖСПП не може да ја започне постапката за прекугранична консултација со Република Албанија. Процедурите за прекугранична консултација за оцена на влијанието на проектот врз животната средина и за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина се уредени со Законот за животна средина и со повеќе подзаконски акти, кои јасно пропишуваат кога МЖСПП и врз основа на кои документи ќе може да започне постапка за прекугранична консултација со соседните држави, во конкретниот случај со Република Албанија.-стои во соопштението на МЖСПП.

Оттаму појаснуваат дека во сите досегашни контакти со претставниците на инвеститорот Субрата Рој, МЖСПП ги образложило потребните процедури кои треба да се почитуваат и врз основа на кои ќе може да се дозволи изградба на туристичкиот  комплекс.

МЖСПП особено ја нагласи потребата од спроведување на прекугранична постапка за оцена на влијанието врз животната средина со Република Албанија, како и запазување на сите стандарди во однос на заштитата на животната средина уредени со законите во Република Македонија, УНЕСКО и легислативата на ЕУ.-се додава во соопштението.

МЖСПП ја уверува јавноста дека во целост ќе се почитуваат законите и постапките од областа на животната средина за кое е надлежно Министерството.

OhridNews

 

И ова лето до бројни награди со OhridNews