Отпочната е постапката за спојување на јавните претпријатија „Градски гробишта“ и „Градски пазар“ и се очекува да заврши најдоцна до септември. Ова беше посочено на денешната единаесетта седница на Советот на Општина Охрид, на која советниците гласаа за одлуките за разрешување и именување на членови на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија.

Од материјалот што може да се види е дека над 85–90 проценти од разрешените членови на одборите пак се назначуваат, рече советникот Ванчо Костоски.

​Еден од органите на управување на било кое јавно претпријатие, покрај директорот и неговата екипа, се и управните одбори. Знаеме дека две до три јавни претпријатија редовно работат со минус салда. Покрај одговорноста на раководството на јавното претпријатие, секако дека одговорноста е и на управните одбори. Можеби требаше во тие јавни претпријатија коишто не покажуваат завидни резултати да донесете нови луѓе коишто ќе донесат нов дух во работата на јавното претпријатие. ​Меѓутоа, поентата на она што сакав да го кажам е дека пред неколку седници донесовме одлука за спојување на две јавни претпријатија, тоа се „Градски гробишта“ и „Градски пазар“, а гледам дека сега овде поединечно се назначуваат управни одбори. Целта на спојувањето беше за рационална работа на овие јавни претпријатија, односно на новото, и намалување на трошоците, а едно од тие трошоци се и управните и надзорните одбори. ​Сакам да прашам, до каде е таа постапка? Дали ќе трае долго, дали е во завршна фаза, за да видиме колку уште непотребни трошоци ќе имаат овие две јавни претпријатија?, праша Костоски.

Со оглед на тоа што сè уште не е завршена постапката за спојување на јавното претпријатие „Градски гробишта“ со јавното претпријатие „Градски пазар“, ние формално-правно мора да донесеме одлуки за именување на членови на надзорен и управен одбор, рече секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

​Постапката за спојувањето е отпочната. Паралелно е отпочната и постапката за ликвидација на јавното претпријатие „Погребални услуги“ коешто повеќе од 10 години е неактивно. Направени се финансиски извештаи, вештачења од страна на овластено вешто лице за јавното претпријатие „Градски гробишта“ и јавното претпријатие „Градски пазар“. ​Последно што требаше да биде завршено, и мислам дека е при крај, тоа е носењето на статутот. Новиот статут е изготвен. Она што последно требаше да се направи е организацијата и правилникот за систематизација на работни места за новото јавно претпријатие, каде што на вработените од двете јавни претпријатија ќе им бидат обезбедени работни места во новата систематизација во новото јавно претпријатие. ​Се надевам дека за две до три недели од страна на управните одбори, ќе биде донесена спогодбата за спојување. И оттогаш веќе има некои законски рокови, согласно законот, каде што треба да почнат да течат по однос на доверители итн., посочи Китески.

Додаде дека управни и надзорни одбори формално-правно мора да има токму заради довршување на оваа постапка со спојувањето на двете јавни претпријатија.

Останува Управниот одбор на јавното претпријатие „Градски гробишта“ со оглед на тоа што „Градски пазар“ се спојува, се припојува кон јавното претпријатие „Градски гробишта“. На членови коишто денеска ќе бидат избрани во јавното претпријатие „Градски пазар“ со неговото спојување фактички ќе им престане и функцијата. Меѓутоа ние, како што кажав, мора формално-правно да имаме членови и на управни и на надзорни одбори со оглед на тоа што треба да се носат одлуки токму заради постапката за спојување. Има рокови коишто се согласно закон кои мора да истечат, и се надевам дека во следните два до три месеци постапката ќе биде завршена, најдоцна нека е отприлика септември, додаде Китески.

Н.С.Ј.