Со учество на илјадници граѓани од Струга и Македонија, во понеделник, 7-ми мај, во Струга ќе се одржи годинешната Свечена ѓурѓовденска литија низ градот. На свечен и достоинствен начин со оркестар, празнични знаменца и кошници преполни цвеќе присутните ќе ги дочекаат светите мошти на Св. Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона, кои носат голем благослов за жителите на овој славен град и сите посетители кои ќе земат учество во литијата.
Она што претставува новина за годинешнава Струшка Литија (Еордија) е присуството на Пречистанската (Крнинска) икона на Мајката Божја што доаѓа од импозантниот манастир „Богородица Пречиста“- Кичево, а која ќе биде богато украсена и носена од верните граѓани од овој град. Бидејќи Струшката Литија (Еордија) прераснува во семакедонски настан, оваа година, во знак на единството и соборноста, моштите на Св. Великомаченик Георгиј Победоносец ќе бидат носени, не како досега од четворица видни граѓани на Струга, туку и од жители од другите градови од земјата. Овој пат се избрани: еден жител на градот Битола, еден Охриѓанец и секако, двајца Стружани.
Меѓу другото, оваа година новина е и учеството на членовите на „Ансамбл Македонија“ на Струшката Литија, чијашто изведба ќе биде вистинско изненадување за сите присутни.
На 7-ми мај, сите патишта ќе водат кон Струга, на настанот кој има огромно национално значење, настанот кој е признат како дел од културното наследство на Република Македонија и ќе собере илјадници народ од сите краишта на земјата и пошироко.
OhridNews












