Само преку конкретни измени на Кривичниот законик со давање на надлежност на Обвинителството да постапуваат по службена должност и преку зголемување на казните кон напаѓачите, системски ќе се подобри безбедноста на новинарите и медиумските работници.

Ова е заклучокот од вебинарот на тема: „Изменување и дополнување на Кривичниот законик: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“ во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и заедничката акција на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во С. Македонија (ЈУФРЕКС)“ што се одржа на 24 ноември.

Како што информираат од ЗНМ, додека се одвивал настанот, се одѕвале од Министерството за правда на социјалните медиуми со укажување дека Кривичниот законик, заедно со ЗНМ и новинарскиот синдикат, набрзо ќе биде ревидиран со цел зголемување на безбедноста на новинарите.

Во објавата Министерството дополнително забележи дека новите закони не се толку потребни колку што е нужно поефикасно постапување од страна на надлежните институции за истрага и санкција на нападите кон новинарите.

На вебинарот учествуваа триесетина учесници и тоа група на новинари, претставници од Владата, Министерството за правда, Советот на Европа и од Основното јавно обвинителство и адвокати кои застапуваат новинари пред судовите.

OhridNews