Верниците од исламска вероисповед, деновиве го слават еден од најголемите муслимански празници, Рамазан-Бајрам, за кој се врзани низа традиции, обичаи и обреди, а по завршувањето на светиот месец на строг пост, што, според верското учење, е и месец на добрината, милоста, љубовта и простувањето, празникот го слави духовното и телесното прочистување.
Како што ни објаснуваат од старата охридска фамилија Заде, по завршување на постот, утрото масовно се посетуваат џамиите и се облекуваат најубавите работи како за на слава, а се излегува со тегбир.
„Утрото се оди во џамија на утринска и бајрамска молитва. После молитивите се посетуваат гробиштата, каде се молиме за душите на починатите. Оттаму се враќаме дома, ќе ги израдуваме најблиските со подарок, односно ќе ги посетиме болните, постарите, најблиските, роднините, комшиите.“ – велат од охридската фамилија Заде.
Алва, шеќер-паре и баклава неизбежен дел од трпезата
Со завршување на светиот месец Рамазан и 29 дневниот пост, трпезите кај верниците од исламска вероисповед се богати со карактеристична храна, а покрај баклавата и локумот, неизбежен дел кај охриѓани се шеќер-парето и алвата.
„Алвата се приготвува еден пред Рамазан-Бајрам како задушница и се раздава на три најблиски куќи. Исто така, можат да се приготват и питулици, односно тиганици. Се служи воглавно баклава, некои спремаат кадаиф, додека други шеќер-паре кое е карактеристично за овој охридски регион. Првиот ручек е со најблиските, а трпезата е богата со јагнешко и телешко месо.“ – објаснуваат од фамилијата Заде.
Подароци за децата
Меѓу обичаите за овој муслимански празник се подароците кои се даваат на најмладите членови во фамилијата. Исто така, пред постот, една четириесеттина од имањето се споделува со сиромасите, а дополнително се дава „фитр“, кој секој година се одредува зависно од просечниот животен стандард на луѓето.
„Децата се даруваат со подароци или пари, но тоа може да биде и облека или било каков подарок. Ден, два пред празникот, се дава една четириестина од имањето и плус фитр, односно дневница на еден просечен човек во земјата. Тој се одредува секоја година, а во зависно колку членови има семејството, со толку се множи истиот и се дава 30 дена. Пред постот, на сиромасите може да им се раздаваат и прехранбени продукти како масло, шеќер и сол.“ – велат Заде.
Постот како сплотување на класните разлики
На овој голем муслимански празник му претходи рамазанскиот пост кој трае 29 денови, кој опфаќа воздржување од физичките задоволства кои ги носи денешницата, односно духовно се чисти срцето и умот. Една од целите на постот е да се сплотат класните разлики, односно на исто рамниште да се доведат сиромашните и богатите.
„Во рамазанскиот пост, една од точките е побогатиот да слезе до онаа степеница на која што живее сиромавиот. Тоа не подучува да си помагаме едни со други. Во суштина, сиромаштијата и богатството е само тест од Господ. На пример во Турција, правите верници не гледаат дали сиромавиот или оној на кој му е потребна помош е од исламска вероисповед. Помош се дава на секого, без разлика на верата. Со тоа, даваме стимул и поттик сите да продолжат да го прават тоа и да помогнат некому.“ – објасни неодамна турскиот оџа Исмаил Дурна.
О.Т.











