На денешен ден во 1981 година е роден Тоше Проески. Денес се одбележува 43 роденден на нашата и балканска голема музичка ѕвезда, хуманиот човек со големо срце чиј живот предвреме згасна.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Во својата кариера ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ден за нас“ (2004), „По тебе“ (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007).

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера во светски рамки. Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава. Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Постхумно Владата на Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин на државата, а во Крушево во негова чест е изграден меморијален центар што го носи неговото име.
OhridNews











