По иницијатива на Оддлението за заштита на животната средина, при општина Охрид, а со поддршка на ЈП Национален парк Галичица, во рамки на паркот- на патот кој води кон селото Велестово ќе се гради Шума парк на младенци. Замислата е секој нов венчан брачен пар, на денот на својата венчавка или ден после тоа, да засади дрвце во паркот.


Локацијата која е избрана за оваа намена е со убав поглед кон езерото и целиот град. Предвидено е просторот да се уреди со приодни патеки, да се постават клупи за седење, а ќе се постави и слој земја на кој ќе можат да се садат дрвцата. На секое од нив ќе се поставува и плочка на која ќе бидат испишани имињата на младенците, објаснува Јасминка Момироска од секторот за животна средина при локалната самоуправа.

За одржувањето на засадените дрвца потоа ќе се грижат вработени од НП Галичица.

Изградбата на паркот е предвиден со годишната програма за работа на општина Охрид, останува да се изработи проектот и потоа да се започне со средувањето на просторот. Во консултација со националниот парк ќе се одлучи каков вид на автохтони дрвца ќе засадуваат младенците.

Т. К.