Човекот кој што стана синоним за незаборавен хумор, автор на стотици стендап шоуа во земјава и светот и еден од најистакнатите членови на Народниот театар Охрид веќе втора деценија, доаѓа на муабет во OhridNews  Со Никола Тодороски муабетиме за стендап комедијата, театарот како институција и неговиот статус денес, новите трендови, за случувањата изминатото лето, како и претстојните ангажмани.

Важен е ставот кој што Стендап комичарот го изразува на сцената. Доколку немаш став, доколку немаш однос и што да кажеш на одредена тема, подобро да не кажуваш нешто. Стендап значи да застанеш да зборуваш за нешто конкретно, нешто што ќе ги инспирира луѓето, ќе го искритикува она што не е добро во општеството, нормално низ призма на смеа, но прашање е колку е тоа само хумор и она што се кажува во позадина е „кисело“. Стендапот е апсолутно дијалог со општеството и хуморот е многу здрава и потребна работа во општеството.  На луѓето им е спектакл кога ќе дојдат и ќе се изнасмеат, а всушност е најприродната работа на светот, вели Никола во гостувањето во OhridNews.

Тој истакна дека го посветил животот на театарот кој претставува светост за него. Вели дека пандемијата доведе до тоа секој чекор да мора да се одмери илјадници пати.

Да погледнеме од античко време па до ден денес, градот како инфраструктура, како еден механизам е невозможно да функционира без театар. Затоа што театарот бил основен медиум и на тој начин можеле да се дискутираат работи во општеството. За жал во денешно време политичарите ни го зедоа пиедесталот на ѕвезди. Колегите глумци се некаде во минорните, некаде во прашливите сцени, вели Никола

Внатрешното здравје и духот на луѓето мора да се одржи и мора да се стави акцент на тоа да имаме добра програма, да имаме добар духовен импулс за да се издржи притисокот особено во оваа ситуација, додава тој.

Никола во ова издание „На муабет“ сподели со нас интересни информации за него и за целокупната негова работа, идеја и визија.

„На муабет“ со Никола Тодороски

Кристина Алексиеска