Оставен на маргините, охридскиот спорт од година во година се подлабоко тоне. Клубовите мака мачат да врзат крај со крај , немаат елементарни услови за нивно фукнционирање, и како резултат на сите тие моменти следуваа откажување или згаснување на клубовите. Во 2011 година прво што треба да се направи е национална и локална стратегија за наредните 5 или 10 години како ќе се движи спортот на државно и локално ниво, сметаат охридските спортски работници.


–    Стратегијата ќе се изработи врз основа на петогодишните програми на сите клубови од Охрид. Сите спортови во таа стратегија имаат обврска да го промовираат нивниот спортот во светски рамки и да организираат спортски натпревари во Охрид како допринос за развој на спортскиот туризам. Според плановите на спортските клубови ќе се видат и приоритетните спортски објекти кои треба да се изградат. Така организирани и со добра стратегија ќе обезбедиме финансиски средства по разни основи – смета Радован Димитриески од Спортско риболовниот клуб Св Апостол Петар.

Државниот првак во боди-билдинг Бобан Наумовски смета дека малите спортови се заборавени и  немањето на доволно средства и тоа како ги поткаструва приликите за настап на меѓународните собири.  – Изостанува подршката од институциите кои стојат зад спортот и треба да го финасираат. Ние не бараме плати или парични добивки туку бараме да ни бидат покриени основните трошоци за да може непречено да функционираме. Финасиите го кројат нашиот буџет, па така поради немањето на средства се откажуваме од меѓународните натпревари – вели Наумовски.

Луѓе со големи срца и душа му недостигаат на Охрид за тој да прерасне во спортски центар, смета Весна Балазоска од КК Колибри.  – Состојбата на спортот во Охрид е очајна. Години наназад ние спортските работници и љубители на спортот многу пати сме пробале да промениме нешто, да покренеме иницијатива за многу прашања поврзани со проблемите во спортот на нашиот град, но сите тие обиди биле безуспешни. Не Охрид му се потребни луѓе кои го сакаат спортот и ќе се трудат да преземаат соодветни мерки со цел да го издигнат на местото на кое заслужува, да биде-лидер во Македонија, а  преку спортот Охрид како град треба да ужива рејтинг на најпознато место на Балканот, кое ќе ги соединува сите спортски асоцијации и ќе ги обединува преку спортот.

На Охридскиот спорт му недостига систем, потенцираше спортскиот менаџер Гони Мерко – Системот подразбира работа од 5 -10 години и потоа очекување на резултати или врвни спортисти. Конкретно за фудбалот  потребно е поголема подршка и од ФФМ.

Ниту неодамна донесениот буџет за спорт од страна на локалната самоуправа не влева надеж дека може нешто да се промени на спортски план во Охрид. Околу 13 милиони денари предвиде охридската локална самоуправа во буџетот за спорт за 2011 година. Најголемиот дел од средствата се предвидени за инфраструктурни зафати во урбаните заедници и развојна програма за масовниот и училишниот спорт, бидејќи како што велат од локалната  според постојните закони таа е задолжена да обезбди инфратруктура, но не и директно да вложува во спортските клубови.

На спортските клубови, како што беше пракса и ланската година ќе им  биде обезбеден само превозот и изнајмувањето на спортските објекти за тренирање и одигрување на натпревари, додека одредни средства ќе може да црпат преку развојните спортски проекти.

М.П.