Спасителите на вода на Црвениот крст ова лето имаат полни раце работа. До крајот на месец јули тие имале 14 успешни интервенции за спасување на давеници на плажите на охридската ривиера, што е повеќе од минатата година кога во целиот летен период спасителите имале дванаесет интервенции за спасување давеници.

-И покрај потребата, а тоа е и законска обврска се’ уште  шест до седум плажи на охридската ривиера немаат ангажирано спасители и немаат созадено услови за безбедно капење, што е навистина несфатливо, истакна Сашо Точков од Црвениот крст Охрид.

Според Точков измената на одлуката за забрана за движење на скутери на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, која во иднина ќе се однесува на сите скутери без оглед на моќноста на моторот, ќе придонесе за зголемување на безбедноста на капачите, но потребна е регулација и за другите пловни објекти кои се користат во рекреативни цели.

-Тука пред се мислам на педалинките кои само делумно се регулирани со обврската за носење појаси за спасување, но проблем е техничката исправност на тие пловни објекти. Ние се соочуваме ова лето со сериозни проблеми со технички неисправни педалинки кои тонат, а често со нив управуваат непливачи па имаме навистина доста интервенции од таков вид, изјави Точков.

Г. Момироски