По повод 60- годишнината од прикажувањето , вечерва во рамки на фестивалот Охридско лето, во центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 21 часот, ќе се изврши проекција на првиот македонски игран филм „Фросина“.

„Фросина” по многу нешта е вонстандардно остварување кое во себе содржи една низа филмски квалитети во функција на својата возвишена цел – реализацијата на прв македонски игран филм.

Прикажувајќи ја окупацијата и револуционерното движење во Македонија, сценариото за „Фросина”, како филмски предтекст, во тоа време суштински не се разликувал од претходните обиди во истата тематска област. Неговата драматуршка организација, меѓутоа, содржи некои нови тонови, дотогаш неначнати форми на сценаристичката структура. Пред се, тука е забележително проширувањето на временската основа на дејството, дадено како своевиден монолог на централниот лик, Фросина, девојка од народот која во својата суштина уште од почетокот функционира како архетипски модел на жена и мајка, и е единствен цврст столб во расколебаните времиња на овие простори.
 
Режијата на „Фросина”, е на Војислав Нановиќ, во тој период веќе афирмирано режисерско име со два играни филма зад себе.  „Фросина” беше и остана еден од најуспешните резултати на македонската играна продукција, а секако најдобар филм во опусот на режисерот Нановиќ.

Кинотеката на Македонија и Охридско лето, лани ја одбележаа 50-годишнината од премиерата на првата македонска комедија, а оваа година ќе ја одбележат 60 годишнината од појавата на првиот македонски игран филм.

 И 60 години после премиерата, „ Фросина“ го потврдува својот вонвременски квалитет и исто така ја потврдува фразата дека некои филмови се како виното, добиваат на квалитет со текот на времето. „Фросина“ останува да стои во македонската филмска историја не само како филм кој ја започна, туку и како филм со високи естетски квалитети во кој за првпат на филм се појави плејада македонски актери: Мери Бошкова, Ацо Јовановски, Петре Прличко, Илија Џувалековски…

OhridNews