Потребна е долгорочна повеќедецениска стратегија и донесување на нова риболовна основа и нов закон за рибарство, за да се заштити рибниот фонд во Охридското Езеро, особено на ендемскиот вид пастрмка, кој драматично е намален, смета концесионерот „Пастрмка“ 2012. По шест годишно стопанисување со езерото кое завршува во 2018-та, концесионерот вели дека ја оправдал улогата, особено во сузбивање на рибокрадството, но во борбата за заштита на рибниот фонд затаиле институциите.
-Ние имаме поднесено преку 120 прекршочни и педесеттина кривични пријави, коишто или завршуваат со условни казни или не завршуваат воопшто, се ослободуваат, зависи. Ние гледаме заедно со инспекторатот тие пријави да бидат основано поднесени, но штом стигнат до основниот суд оди многу бавно или работите се одвиваат во непосакуван правец. – вели Ристе Танасоски од „Пастрмка 2012“ – кoнцесионер на Охридското Езеро.
Стопанисување со рибниот фонд на Охридското Езеро со концесионер или прогласување на мораториум само на едната страна од природниот ресурс заштитен од УНЕСКО, нема ефект, сметаат научните работници. Посочуваат дека до 1991 година Албанија ловела само 10 тони пастрмка годишно, а Македонија над 200. Денес на македонска страна пастрмка не се лови, што не е случај со Албанија.
-Проблемите се далекусежни и потекнуваат од поодамна. Решението треба да биде со некој субјект којшто ќе има огромна ингеренции, пред се во заштитата, а не може да биде концесионер кој ќе очекува возврат, пред се обезбедување на финансиска помош, туку да биде потпомогнат од двете држави и од странски донации. – изјави Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод Охрид.
Спиркоски истакнува дека концесионирањето со Охридското Езеро не е во домен на Хидробиолошкиот завод кој, како што рече, како државна установа подлежи на други влијанија, не прецизирајќи какви. Идејата пак стопанисувањето со Охридското Езеро да им се додели на општините, за него е погрешна, но и опасна.
– Можеби ќе биде уште полошо. Свесни сме дека на овие простори владеат партизации, значи ќе дојдеме до еден момент одредени партии да одлучуваат за нешто за што немаат никакви ингеренции, што за жал ни се случува во одредена мера. – вели Спиркоски.
Oд „Пастрмка 2012“, пак, предупредуваат дека голема грешка ќе биде доколку езерото повторно се остави без концесионер.
-Во периодот од 2004 до 2012, кога езерото немаше концесионер, природните мрестилишта на плашица во Пештани и Радожда се уништени, мислам засекогаш, што е уште една потврда дека кога нема концесионер настанува башибозук. – вели Ристе Танасоски од „Пастрмка 2012“. – концесионер на Охридско Езеро
Концесионерот останува на барањето да се прогласи мораториум за лов на охридска пастрмка и нејзина продажба во угостителските објекти, во период од најмалку 10 години, но смета дека со поинаков пристап и добро утврдени правила може рационално да се стопанисува со рибниот фонд во езерото.
Г.М












