Со пет  гласа ЗА, осум против и еден воздржан советот на денешното продолжение на 50- та седница не ја усвои предлог одлуката за измени на одлуката за организирање на режим на сообраќај, односно иницијативата на советничката од ВМРО- ДПМНЕ, Јованка Дамовска- Секулоска,  за укинување на наплатата за паркинг на улицата „Партизанска“.

Како што таа објаснува, основна цел за да се покрене инициијативата е да се задоволат интересите на граѓаните и јавните институции кои гравитираат кон оваа улица, за тие непречено да ги паркираат своите возила.


– Локалната самоуправа очигледно за да го реши долгорочниот проблем кој го креира со тоа што не изгради соодветна катни гаражи, го узурпира паркинг  просторот пред зградите и јавните институции  и на тој начин наместо да обезбеди долгорочно решение за паркинг просторот, уште повеќе го продлабочи проблемот. Незадоволни сме што не се усвои предлог- одлуката, затоа што мнозинството предводено од СДСМ осум години не научи што е тоа јавен интерес на граѓаните и секој обид на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ да поднесе било каква предлог измена  наоѓа на неприфаќање од мнозинството, со што се потврдува фактот дека поважни се интересите на одредени групи и поединци од оние на граѓаните, вели Дамовска- Секулоска.

Од советничката група на СДСМ објаснуваат дека за предлог- одлуката не гласале од неколку причини.


– Прво од принципиелни причини затоа што сметаме дека точки од дневен ред не треба да се решаваат на прес конференции или со партиски соопштенија, кои се под секакво морално и етичко достоинство. Оттука,  дојдовме до заклучок дека барањето нема врска со никакви интереси на граѓани, освен за сопствени и ситни партиски интереси. Ние како мнозинство прифативме точката да биде на дневен ред и да се дискутира и бевме подготвени да ги чуеме фактите. Но слушнавме само соопштение со кое ни беа упатени навреди. Свесни сме дека режимот на сообраќај годинава е промашување од неколку причини , но тоа што го донесе советот како одлука е поставено врз законска основа, потенцира координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.


На продолжението на седницата, советот меѓу другото, ги усвои и  извештаите за  реализација  на Програмата за   изградба на системи за  одведување и прочистување на отпадни води,  за реализација на Програмата за  изградба на сообраќајна сигнализација, извештајот за Програмата  за одржување на локални патишта улици и регулирање на  режим на сообраќај, извештајот за  реализација на Програмата за  изработка на урбанистички планови  на општина Охрид за првата половина од годината,  како и предлог одлуката за  измени и  дополнувања на одлуката  за општински линиски превоз  на патници во општина Охрид и предлог одлуката за усвојување на  Елаборатот за  проценка на штета од  земјотрес  во општина Охрид на ден 07 јуни 2012 година. 

Т. Кувенџиска