На репертоарот на охридскиот Народен театар, утре, 13-ти декември, со почеток во 20 часот, е претставата Каде е пиштолот?“ од унгарски автор Габор Ѓоргеј, во режија на Дејана Николовска.

„Каде е пиштолот?“ е модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка позадина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на опресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејствието.
Зборот „пиштол“ предложен уште во насловот не е ништо друго туку театарски знак, систем на апстракции, симбол на моќта на насилство – кого ликовите го користат за да ги тероризираат останатите. Местото на дејство е затворен простор , во кој гледаме четири луѓе што седат и петтиот како вперува пиштол во нив. Четири од нив секогаш сакаат да излезат надвор од собата, а петтиот секогаш ќе се чувствува добро внатре. Тоа е оној кој е со пиштолот. Изворот на сите проблеми е токму тој – пиштолот. Пиштолот би можел да има и понаква намена, но не во овој случај. Tажно e, но овде не е можно да живеете без пиштол!

Во претставата играат: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Стрезо Стаматовски. Сценограф, костимограф и дизајн на светло е Милена Пантелеева, музика Гаро Ашикјан, сценски движења: Асја Иванова, драматург: Кристина Тодороска Петреска, инспициент: Филип Ангеличин-Жура.

Картите по цена од 200 денари се пуштени во продажба на билетарата при НУЦК “Григор Прличев”. Телефон за резервации 046/261-063, 075/283-066

OhridNews