Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, двата македонски аеродрома, ја завршија 2023 година со значително закрепнување на патничкиот авиосообраќај со што достигнаа приближно 3,15 милиони патници или вкупно 3.149.274 патници и 23.949 летови биле опслужени.

ТАВ како аеродромски оператор е воодушевен од ваквите резултати во авиосообраќајот за аеродромите во Скопје и Охрид. Со преку 3 милиони опслужени патници, уште еднаш докажавме дека со постојаност и сериозна посветеност кон обезбедување на аеродромски услуги со најдобар квалитет успехот е неизбежен. По остриот пад на сообраќајот во авиопревозот и воздухопловството, среќни сме што сме сведоци на целосно закрепнување и постигнати нови пресвртници во изминатата 2023 година. Бидејќи нашата цел како аеродромски оператор опфаќа пречекување на патниците и управување со аеродромите на одговорен начин, убедени сме дека со експертизата за гостопримство, иновативниот пристап и интеграцијата во локалните заедници на луѓето кои работат на аеродромите, македонските аеродроми и натаму ќе бидат препознаени поради персонализираното искуство на патниците, одржливите методи на работа и како центри за воздушен транспорт. Порастот од 33% на патничкиот сообраќај е одлично достигнување и овие резултати на висок пораст се одраз на напорната работа и посветеноста на персоналот на скопскиот и охридскиот аеродром, за што сум благодарен. Без луѓето, македонските аеродроми немаше да бидат тоа што се, затоа ќе продолжиме да работиме заедно во синергија бидејќи ни претстои многу динамична година, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

На охридскиот аеродром, во 2023 година, најфреквентна дестинација за патување беше Базел (21,5% пазарен удел), потоа Виена (21%), Дортмунд (16,4%), Меминген (11,9%), Малме (9,4%), Цирих (9,3%), Амстердам (8,8%), а останатите дестинации се со пазарен удел од 0,5%.

OhridNews













